Песни на Коледе

Потребно време за читање: 4 минути

Еве што запишал најголемиот собирач на народни умотворби Марко К. Цепенков:

На 23 декемврија вечерта, спроти 24-и, ќе се збираат децата стред село или стред маало и ќе палат огон за да се греат и ќе викаат. „Коледе, коледе, коледе!“

По полноќ ќе се заберат децата со стапчиња во раце и со торбиња на гуша, заедно со едно колендарче, врзано со конец бел и црвен, мартинка, за појас. Колендарчето ет од едно дрвце изделкано со четири ќошеи и нашарено со рески, едни нацрвени со боја. Во него ќе наденуа колачиња, кај што ќе му даат, и ќе го закачуат за појас. На конецо ќе му висат колачињата.

Кога ќе одат по пат децата, ќе викаат: „коледе“, а едни поголемки ќе пеат вака:

Коледица варварица,
Сива, сива гулабица
Долетала од планина,
И донесла убаина.
Д р у г а
Коледица варварица,
Бери пења за вечера,
Мене ми се вечера
Оти пиле ми загина,
Од море до море,
Во царичини дворои.
Царица го налазила
И цревцата му истурила,
Циу-цвиц ми сторило
И пилето си умрело.
По б и т о л ц к и
Коледица меленица,
По неа Василица.
И по неа дава, дава.
Еднаш ни сте во година
Како цвеќе во градина.

Пееќим така, ќе дојдат пред порти, ќе склукат за да му отворат и ќе влезат в куќи. „Коледе, коледе!“ ќе свикаат (во Крушоо „Коледе, баба, коледе“ ќе речат), и ќе му даат едни колачи, а друзи костење и ќе свикаат децата:
И в година дочекале
Сосе ваша мила рода.

После домаќинот ќе `и натера за да пробуричкаат огнот, за да се силат кокошките да несат јајца. „Пири-пири, пири-пири“, ќе речат децата и ќе одат во друга куќа.

Дента секој домаќин трчат да си приготви јадење и пиење, едно за Бадник, а друго за Божик.

Домаќинката ќе суреди и ќе промени куќата и ќе месит един мазник посен за вечерта. Вечерта ќе се клаи една пењушка голема во огнот и таа ќе се наречи бадникоица. Костење ќе варат и ќе јадат вечерта; од водата од костењето ќе се измијат раце и нозе за да не му пукаат през летото.

Тукуречи са ноќ не ќе заспијат дури да удри клепалото. Тогај старците и секој што можи, црква ќе оди. Од црква ќе се дојдит и ручекот готов.

По ручек ќе појдат на честење кај нункото, кај дедо, зето и кај постареа некојси.

За честењето ќе му стават неколку мезиња: леблебии, суо грозје, смокви и црни сливи, џигерче мезе, расол сторен и пиперки. Ракија и каве ќе му се дава.

Од мазнико што ќе го месат, ќе напраат по еден крс по вратите и ќе закачат по троа смрека и тоа ќе запалат за да изгори. Тоа било за арно- за од вапир да не можи да влези во таа куќа.

Три дни Божик се праит и ора со гајди се играт насред село.

Коледето тукуречи и по селата го праат како во градот.

Во Крушоо коледарчињата викаат вака:

Коленде, меленде,
Старава година.
Цинци, кака, отвори ми врата,
Дај, бабо, колака.

На свршуањето коледето, децата ќе речат една песница вака:

Утре вечер Бадник вечер.
Кој го има, ќе го тучи;
Кој го нема, ќе го лижи.

По селата Баднико го праат поеќе од градо. Вечерта ќе клаат еден котел костење да варат за да јадат. Водата од костењето едни ја тураат во `рвенико, велејќум вака:

На ти црнило,
Дај ни белило.

Тоа кажуат за да излези гламницата од пченицата и да биди бела.

И по селата клаваат пењушка бадникојца и праат мазник. Во едни села ќе остаат најстарио чоек да седни покрај огно, а друзите ќе излезат од куќа надвор. Еден чоек ќе крени на глаа мазнико и ќе тргнит за да врти куќата три пати околу, наоколу со сите куќни луѓе. На треќи пат ќе влезат в куќа и старио ќе стани. „Добровечер, Бадник“, ќе речи тој со мазнико. „Дал ти Господ добро, Божик“, ќе одгоорит стариот.

Ќе стават да вечераат и од сите што ќе имаат на трпезата ќе земат по троа и ќе му клаат пред емешо и цреслото на тланико, чунки така сет тие клаани како да му праат чес. Ќе му запалат по една свеќа на емешо и цреслото на јаслите, на рогоите од волоите и биолите, на самарите од коњите и магарињата, на плуго и на колите, на стожеро во гумното, на трлото и гоедарнико.

Со свеќите палење мислат оти чес му праат на Божик за да му блаосоит алатите што работаат нивјето.

Од тестото што го праат мазнико ќе напраат крстои по сите врати за да `и чуат од лошо. Смрека ќе закачат троа да почадат за да не можи вапир да влези или друго некое сениште.

По поречките села на Бадник ќе каснат по една смоква (смоква и по нашите села јадат), по троа нишадар и по троа терак. Тоа било за да не `и ваќа палаица (бес).

На Бадник според Божик како по селата така и во градот не заспиваат и, ако прилегнит некој, друзите ќе му речат: „Легнујте, ама и будни бидете, оти вечерва ет Бадник и во црква се оди“.

Едно ќе клепа попо, и сите ќе појдат во црква. Селаните на Божик и Велигден сите се причестуаат.

Трите дни за Божик и три дни за Велигден по селата го играат оро настред село и честат по куќите.

За Божик имаме една подгоорка: „Пред Божик, зад Божик, кај да си, дома да си“.

Детински песни за Бадник

1.

Збирајте се, дечиња,
Стред село на грејачка,
Огон да си палиме
За да се изгреиме,
Оти после ќе одиме
Коледа да викаме,
Костење да збираме,
За Бадник да јадиме,
Божик да го чекаме
И прасе да јадиме.

2.

Колете, бре селани,
Дебелите крвнаци,
Оти Божик ќе дојдит
У секого на гости.