Потребно време за читање: 2 минути

Ете така, си ги почнавме патувањата. Како сеќавање, а може и како сонување. Сеедно! Затоа што мораме да си го задржиме спокојството, да си го негуваме континуитетот! Има уште многу што не дорековме, Марија Имотска.

Ја гледаше внимателно. Го гледаше секое нејзино движење. Колку е тоа резултат на инерција, некаков автоматизам; или е во прашање свесно доближување, адаптација на новата состојба?

Ти мислиш дека ти успева да ме освојуваш, Јасене Виорски. Сигурен ли си дека ме совладуваш?, го праша по малку неочекувано, замислена.

Патувањата ослободуваат енергија од нашите тела. Празнат дел од нашите внатрешни светови и ги обновуваат истовремено.

Зошто сега тоа?, праша Марија Имотска колебливо, кршејќи си ги прстите како да бара болка.

Не се вознемирувај, одрече Јасен Виорски со спокоен глас. Сè како да е нормално. Сè според однапред утврден логички ред; како на филм. Само сакам да те разделам на две, да им излегуваш пред очи постојано како две лица, две содржини! Разделени на времиња, на минато и сегашно. За да откријам во кое си посилна! Фер борба, нели?

Прочитај и за ... >>  МАРИЈА И ЈАСЕН, роман

Искрено од тебе, нема што. Но каков настан ќе ти треба? Мислиш дека има некој што не сум ти го раскажала досега?

Легнати во тревата зад споменикот на слободата, беа сигурни дека никој не може да ги види, ниту да ги пронајде. Слободни, ослободени од луѓето, сами со себе. Тревата им ги покриваше телата. Се држеа за раце, замолчуваа често и си го броеја дишењето.

Не еден, Марија Имотска, туку уште многу. Сега сме само на полпат. Сега треба да ми ја раскажеш средбата со мене!

Веќе раскажував, Јасене Виорски! Знаеш, веќе сум сигурна дека одамна било и поминало. Не верувам дека нешто сум заборавила.

Заборави кога се обиде да си ги пресечеш вените на десната рака. Заборави на белегот!

Ништо. Обична депресивна состојба! Ме остави сама, а никако не можев да си ја скротам сенката. Почна да ме налегнува. Пушти пајак кон мене, да ме зароби во мрежа, да ме собира во неа. Бев сама и не можев да го совладам. Дури и кога го замислив твојот лик, немав сила! Почнав да се предавам. Никаков звук ни глас од мене. Наеднаш го здогледав ножот на маса, го зедов и како да му пренесов дел од својата немоќ. Ми се спротивстави и…се случи! Ти стаса навреме, ме најде. Потоа сè беше в ред. Што уште, Јасене Виорски?

Прочитај и за ... >>  МАРИЈА И ЈАСЕН, роман

Ништо! Доволно! Само уште да се обидеш да размислиш зошто те оставив сама и зошто сенката ти пуштила пајак. Не помислуваш дека таа е секогаш посилна од тебе? Не е ли таа твоето второ Јас?

Од каде таков заклучок? Претеруваш, му се насмевна.

Можеби, ама мораш конечно да прифатиш дека е разнишан твојот интегритет, загрозена е твојата личност, твојот егоизам! Ми ја раскажуваш сопствената слабост како сенка. Овде доаѓа она што го запомнивме од Сенека: дека никогаш не ми се враќаш онаква каква што ми заминуваш!

Така. Па што? Точно!

Ништо. Само размислувам која си ти всушност. Имав право што не сакав да те именувам на почетокот. Мислиш дека ти прилега името, Марија Имотска? За твоја љубов ни себеси не сакав да се именувам. Мислиш дека ми прилега името Јасен Виорски? Дали некој од нас го посакува тоа, а?

Немам одговор, Јасене Виорски. Веројатно треба барем како препознавање…Во наредниот детаљ патувањата, нели?, се обиде да му го сврти вниманието кон главната идеја.

Прочитај и за ... >>  Колку е детерминирано сево ова?

Точно. Со твојата концентрација и моќ да ги продолжуваш настаните во слободното време. Дури и во него!

Споменикот на слободата ја издолжи својата сенка над нив. Гледаа во него и се замислуваа како два спротивставени света што војуваат користејќи оружје со кое се уништува природата.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here