Партократија-Меритократија

Потребно време за читање: 2 минути

Основно знаење за партократијата:

Партократија (некои ја нарекуваат партикратија, некои партитократија) е облик на владеење со државата, при што политичкиот процес во една земја им е подреден на политичките партии. Всушност, таа претставува најголема негација на демократијата. (Партиските интереси се над општите потреби и го ништат целиот систем на вредности. Тие практично не постојат.)

При владеење на партократија власта не е во рацете на институциите на државата, туку во владејачката партија или владејачките партии. Тоа еднакво се однесува на правосудниот систем-наместо стручни и независни судии, на функциите се членови или симпатизери на партија, еднакво на државните органи (вработени во поицијата, инспекциите, безбедносните служби и др.) и јавните служби (вработени во здравството, образованието, комуналните служби и др.), еднакво на распределбата на општественото богатство и природните ресурси.

Во актуелниот моментум во кој се наоѓа Македонија од суштествено значење е да се разбере дека токму партократијата ги генерира системската корупција, организираниот криминал и сиромаштијата.

Основно знаење за меритократијата:

Меритократија е систем во кој позиции и заслуги во општеството и државата се добиваат врз основа на способност, образование и интелигенција, а кои се утврдени со оценки, испитувања, проверена компетентност (признаени дипломи, магистатури и докторати-експерти-експертиза).

Во најширока смисла, со меритократија се назначува секоја управа управувана од влијателна класа на образовани и способни луѓе.

Најчест облик на мериторски скрининг е факултетската диплома, иако треба да се нагласи дека високото образование е несовршен систем поради недостаток на унифицирани стандарди во светот, пристап, финансиски средства и сл.

Круцијален заклучок:

Во Македонија сега не владее и во догледна иднина нема да завладее суштинската демократија. Во Македонија „живее“ и ќе продоложи да „живее“ (или да „живурка“) партократијата сè додека стане неминовен меритократскиот систем во сите области на животот и дејствувањето.

Можно е неминовноста од завладување на меритократијата да се забрза само доколку најнапред темелно не се промени Законот за политичките партии, а во кој на „пиедесталот“ ќе се постави идеологијата. (Без идеологија нема партија.) Наспоредно со тоа да се промени изборниот модел, при што значајно, ако не и најзначајно „место“ ќе има индивидуалната независност (независни кандидати).

Сите проблеми, негативни состојби, процеси и собитија во Македонија сега произлегуиваат и ќе произлегуваат којзнае до кога од владеењето на партократијата.

ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 70