Се собрале во матна и длабока вода односно река сите големи и мали риби за да изнајдат спас во последен час: или ќе се организираат и ќе се спасуваат со заеднички сили за да не бидат скоро уловени, која на јадица, кои во мрежа, или доброволно ќе испливаат на суво и, сосем нормално, ќе испоумрат. Како што е добро познато од дамнина, на суво тие не можат ни да дишат, камо ли да пливаат.
Немале многу време за демократска расправа или недемократска расправија, со оглед дека се нашле во последен час за спас, па брзо решиле едногласно: ќе се партизираат и ќе формираат своја политичка партија. Како на секоја друга, крајна цел и на нивната партија е освојување на власта во рибино-риболовната држава. Во меѓувреме, со опозиционо дејствување мора да се организира контраудар во последен час, пред сите, и големи и мали риби да бидат испофаќани или да се исподават во матната вода односно река. Која, пак, како сама од себе да почнала да се бистри сè позабрзано. Нормално, сосем очекувано, на чело на партијата биле избрани најголемите риби, пред сè и над сè поради тоа што во мирновременски услови големите риби ги јадат малите, а во военовременски, поточно во војни на живот или смрт тие се најсилни, што, пак, по дифолт истовремено значи дека се и најпаметни.
Новоформираната партија на рибите веднаш почнала да дејствува на теренот, во матната вода односно река: со заеднички сили и организирано се впрегнале да го забават бистрењето, односно да ја матат дури можат и не смислат некое друго дејствување. Имено, сегде кај што ќе виделе во далечина бистрина или таа ќе им се доближувала со забрзано темпо јурнувале кон неа, влегувале во костец со неа и мателе.
Арно ама, благодарение на искуството и знаењето, риболовците брзо го согледале и разбрале дејствувањето на рибите. Впрочем, тоа од ден на ден станувало сè поочигледно. Имено, ним им е мошне добро познато дека рибите најдобро се ловат во матно, односно таму кај што тие ја матат водата, а во бистра и тие и тие се во соживот и меѓусебни пријателски односи. Од друга страна, пак, риболовците веќе донеле заклучок дека доволно било, односно во рибино-риболовната држава и општество поминало времето на лов во матно, што значи дека матните води мора час поскоро да се избистрат, дури и по цена да ловат и јадат риба само за здравје и здрав живот. Ама не како досега, инцидентно, односно колку да се рече дека се води континуирана борба против ловот во матно и матењето на водите, туку да се почне немилосрдна борба и, како што знае да рече народот, да се удри ни по баби ни по стриковци, односно неселективно. Што најпрво сторила риболовците?
Најпрво го сториле најлогичното во тотално партизирани држава и општество: формирале риболовна политичка партија, пандан на рибината. Вообичаено, сосем очекувано, исто како кај рибината, на чело на нејзино чело биле избрани најголемите, најискусните, најспособните, најпаметните и најхрабрите риболовци. И партијата веднаш почнала да дејствува на теренот, во матната вода одцносно река: го забрзала бистрењето, а ловењето риба со закон го ограничила само за здравје и здрав живот. Дополнително, тајно, дури да не се сетат рибите, презела проверено успешна конкретна акција: на почетокот, веднаш по изворот и пред вливот на водата во поголема вода, значи пред реката да стане притока на поголема, поставила мрежи низ кои не можеле да се проврат ни најмали риби.
Што се случило во меѓувреме?
Се случило ништо потрагично и за рибината и за риболовната политичка партија, а најтрагично за тотално партизираните држава и општество: реката прекуноќ пресушила!
БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 46