Партиски гуски

Потребно време за читање: 2 минути

Еден гускар отишол да му се жали на газдата на гускарникот и гускиното јато дека неколку гуски се партизирале. И тоа од најубавите. Се зачлениле во неговата партија која до неодамна била на власт, а на последните избори доживеала катастрофален пораз:

-Газда, мораш под итно да интервениратш, да преземеш каква било акција за нивна департизација или отстранување од гускините редови. Во спротивно, тие партиски ќе ги заразат другите гуски, па многу брзо од политички причини ќе ги изгубиш и гускарникот и гуските…Се прашуваш зошто се случило тоа и ќе се случи во спротивно? Како зошто?! Па, гуски како гуски со гускина памет. Заклучиле дека лидерот гусак и неговите гусаци-најблиски соработници најлесно и најбрзо ќе се соземат, ќе се преиспитаат, ќе се изанализираат со нивна помош, поточно со нивната докажана убавина и гускина памет. А дотогаш новите партии на власт гарант ќе спроведат растур систем, особено на коруптивно-криминален план, па богами…и ти, газда…веројатно ќе им дојдеш на дневен ред…

Газдата на гускарникот и гускиното јато нервозно го пресекол во зборот:

-Доста! Доста, гускару! Подоцна ќе ја преиспитам твојата работа како гускар, како тоа навреме не си ја забележал партизацијата на односните гуски. Сега да ја разгледаме ситуацијата, да видиме кое е чарето, па да тргнеме во акција.

Гускарот:

-Јас мислам дека треба гуските под итно да ги денунцираме, што би се рекло стручно, односно да ги наклеветиме јавно. Што би се рекло, политички да ги разголиме и обелодениме. Поконкретно, да ја изведеме на виделина нивната гускина памет.

Газдата:

-А кои гуски се во прашање?

Гусакот:

-Знам дека нема да ти биде право, газда, ама и мене ми е многу тешко да ти соопштам дека во прашање се најубавите гуски…Добро ги знаеш…Одвреме-навреме и тебе те придружуваат на…

Газдата реагирал крајно нервозно и разочарано:

-Доста! Доста, гускару! Оди, собери ги и донеси ги во мојава канцеларија….Ќе видат они што значи против мене…А како да откријам евентуално други веќе партизирани и потенцијално партиски гуски и гусаци? Особено туѓинските инфилтрирани во нашите редови?

Гускарот:

-Има една проверена политичко-политикантска тактика, газда: да објавиш дека си решил да го смениш политичкиот курс, односно да ги промениш политичките бои. Со други зборови, да коалицираш, односно да соработуваш спонзорско-донациски со новите партии на власт. Па истовремено и на гуските и на гусаците да им биде преседне, поточно да им биде џабе партизацијата.

Гадата на гускарникот и гускиното јато се согласил и заедно со гускарот веднаш тргнал во акција.        

БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 31