Еден мошне инвентивен ем досетлив вртикапа со политикантска природа се сетил дека во турбулентно односно мошне неизвесно време најмногу може папагал да му помогне при донесување навремени судбоносни решенија. Очекувано, се решил да набави од оние што лесно научуваат да зборуваат, поточно да го повторуваат од збор до збор она што го кажуваат оние во политиката чиј збор во моментот се цени и се слуша.
Се распрашал, се изначитал на Интернет за папагалите и, сосем очекувано, се решил за ара. Оној со долга опашка, изразити и јаки бои, со потекло од преку барата, од најдемократската држава на светот. Напросто се одушевил откако разбрал дека се мошне интелигентни птици, дружељубиви, со пискав и продорен крик. Заклучи дека со тие каракатеристики му е многу близок на политичарот кој зависи од политикант каков што е тој-вртикапа. Зошто решил да набави баш ара папагал? Одговорот е многу едноставен: вртикапата политикант почнал во сè поголем број да ги губи своите верни политичари на власт и во опозиција, тие да му откажуваат соработка односно да не го слушаат, да се дистанцираат од него и да се осамостојуваат не само од него, туку и од многуте вртикапи како него. Поготово оти почнале да се прават наудрени, како да почнале да се дезориентираат, па престанале навреме да го информираат од каде на каде дува ветрот.
Ене го сега за да го жали човек. Изгубен, збунет, подисплашен, нетактичен и сè повеќе иритирачки расположен. Од две причини: не знае што да прави со ара папагалот, затоа што се покажал со мошне слаб интелектуален капацитет, може да се рече ептен глупав и ограничен во учење и паметење, па како таков никој не сака да му го купи, а друго-во секојдневниот живот политичко-политикантски веќе предолго воопшто не дува ветер, ни ветре да поддувне.
Се прашувате зошто вртикапата заклучил дека неговиот папагал е ептен глупав и ограничен во учење и паметење, па следствено е негова најголема промашена инвестиција?
Одговорот е мошне прозаичен: сè што научил и му порачувал на секој во неговото опкружување бил заканувачкииот пцостот „Мамичето ваше политичко и политикантско“.
БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 45