Он и зборовите

Потребно време за читање: < 1 минута

Како прво и прво, он си игра со зборовите откако ќе станат негови. Како стануваат негови? Според него многу едноставно, а според оние што се со него со многу труд и мака. Имено, ниту изговорува, ниту во својот бележник запишува збор сè додека неговото значење не му е познато или не ја открие и осознае неговата многузначност.

Како второ и второ, он си игра со зборовите затоа што тие се со своја игра и играат за него. Од друга страна, нивната игра никогаш не е бесцелна, туку е секогаш создавачка. Неретко и животворна. Блиска е со игра на дете? Најблиска со онаа на дете што именува, назначува, идентификува, препознава и му овозможува да открива постојни и нови содржини на говорот.

Конечно, он си игра со зборовите докажувајќи си на себеси и докажувајќи му на светот дека опстанува длабоко вкоренет во свој простор и свое време. Едновремено овозможувајќи му да расте, да се развива, да созрева и да оплодува самобитно во сегашни сосе идни.  

Ме прашуваш кој е он? Он е човек кој никогаш не дозволува да му ја вкалапат мислата во говорни стереотипи. Човек со лична слобода и своевиден начин на живот.  

НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 23