Омразата е најсилна одбојност, презир и ненаклонетост, а ја раѓаат себичноста, завидливоста, повредата на други, љубомората и невозвратената љубов. Таа длабоко унижува, ранува до беспомошност.
Омразата не мора да се искажува, може и со молк и со премолк да се докаже. Говорот на омразата, пак, не е за слушање оти е валкан, празнозборен, жолчен и без запирка и точка. Над сѐ срамотен.
Народни пословици и поговорки за омразата- пизмата:
Македонски народни пословици
Благост ја порази омразата.
Од Бога е речено: ако е гладен оној што те мрази, дај му леб, и ако е жеден, дај му вода.
Го клукнала и волкот змија.
Омразата помеѓу овчарот и песот му ја полни устата на волкот.
Пословици од народите на светот
После голема омраза секогаш ќе остане мала омраза. (Кинеска)
Омразата и парите не му се покажуваат на целиот свет. (Германска)
Омразата на непријателот ни покажува колку вредиме; љубовта на пријателите ни покажува колку за нив вредиме. (Руска)
Омразата е мајка на неправдата. (Германска)
Никогаш омразата не се отстранува со омраза. Само благоста брише секоја омраза. Тоа е вечен закон. (Староиндиски запис)
Омразата и гневот полека стареат. (Германска)
Силната љубов раѓа сто пати посилна омраза. (Јапонска)
Омразата и зависта го прошируваат пеколот. (Германска)
Оној што сите суштества ги гледа во себе и себе си во сите суштества, тој не знае за омраза. (Упанишади, староиндски филозофски расправи).