Во кафез

Предолго во кафез заробен
и ослободен од сомнежи
во синевина недостижна
со игра на зраци сончеви
знам дека е противречно
слобода да биде во кафез
поготово предолго
освен ако е он во него
несомнено е ако се имаат
сомнежите предвид
во синевина недостижна
треба да се има предвид
и дека нема никој
ни близу ни далеку ни сега
ни којзнае кога
па е сосема наместо
прашањето како и зошто
во кафез
уште ако се има предвид
дека он не е птица
јас искрено не знам
и знам дека е одамна сам
во незамисливо длабок молк
конечно откривам дека
кафезот не е кафез
туку изгрев на сонце
како кафез кој како секогаш
откога е жив завршува кога
им ја промислува стварноста
на луѓе заодени доодени
премалени од преселби
меѓу извори тажејќи
по свои корени согорени.  

ОГОН ВО ПУСТОШИЈА, Луѓе, поетска студија, 8

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.