12. Најпрва секидневност
Беше и е но веќе не може
да биде секидневно како е
врз темелов на онеменава
стара камена запустена куќа
со расфрлани сенки нејзини
кои сè уште успеваат
да го следат сонце и месечина
сосе стивнатоста
сосе празноста на говорот
на пустошијава смртна
со овој и врз овој темел
на онеменава стара куќа
мора конечно живи потомци
исти како нивни живи предци
да почнат до небо да креваат
бедеми од стени коски корени
разбранета крв знаци и траги
за спокојно растење на семиња
од под земја до над ветар
што развева страст пред страв
пред страден страник
кој не знае дека небрежна игра
нема кога нема соништа
а има неизвесност
а има премреже дека залудно
му било што стапнал на прагот
на онеменава куќа
зашто веќе не може да биде
огниште без огон
без топлини и студови со ред
без убавини и песни небесни
без здравини и жизнерадости.