31. Ведрење
Самотен бездомник
скитник и пустиник
длабоко во пустошија
седна на гола на врела
на огнена земја да изгори
диво месо што прекуноќ
му израсна на челото
па стана па се крена
па исправи снага од коски
и кожа
но при првиот чекор нов
мал бел шилест белутрак
му се заби молневито
во тврдото месо на врвот
на палецот
заклучи дека патот
што пред него му се виде
речиси прав речиси рамен
некогаш бил длабока река
со бистра пенлива вода
полна белутраци на дното
седна на голем белутрак
му требаше многу време
речиси до жега пладневна
речиси до распукани усни
речиси сув јазик жеден
да го извади
му истече многу крв
од отворена рана која
сама со време ќе заздрави
но при вториот чекор нов
премален легна на земја
и на голо сонце заспа.