107.
Црни облаци над Сиднеј. Или тоа мене само ми се присторува.
Мојот последен разговор со син ми. Во нашиот, во неговиот ресторан кој, разбрав потоа, му го отстапил на ортакот:
Јас:
-Јас мислев дека доволно беше што ни се случуваше во животот, па случувањата отсега би требало да бидат очекувани, не прсвртни. Без неизвесности, стресови, без драматика. Ама сега ова…
Тој:
-Решив, татко. Готово е! Не можам повеќе. Имаме живот, имаме стандард, бизнис, ама не. Ти сѐ повеќе снеможуваш, утре ќе те нема. Со твојата Госпоѓа имам само пристојни и подносливи релации. Јас останав без своја рожба. Никако не успевам да се вклопам во оваа средина…
Јас:
-Како без рожба? А син ти. Што оти е далеку? Во нашево време тоа не е никаков проблем. Можете да комуницирате, да се гледате кога ќе посакате. Интернет, социјални мрежи, Skype…
Тој:
-Комуницираме сѐ поретко. Нормално, тој си има свој живот.
Црни облаци над Сиднеј. Белки нема да се истурат.
Јас:
-Што ти стана?! Ти се случи нешто? Што е сега ова од тебе?
Тој:
-Едноставно е, татко! Секој е доволен сам на себеси, секој е сѐ повеќе сам. И јас. Сакам да исчезнам!
Јас:
-Да исчезнеш?!
Тој:
-Да! Да исчезнам. Да заминам за никого незнајно каде.
Јас:
-Тоа е невозможно, синко! Човек и во непозната средина по време станува познат. Никој не може сам. Јас мислам дека си паднал во депресија. Појди на психијатар. Ќе ти помогне. Или избери која било дестинација и отпатувај.
Тој:
-Да, ќе отпатувам…во еден правец. Решив!
-А да отпатуваме заедно? Јас, ти и мојата Госпоѓа? На пример во Македонија, во моето Долно Дивјаци? Заборави дека ми вети? Овде е есен, таму пролет, тамам.
Тој:
-Не заборавив…Сепак, не гледам никаква причина да одам таму. Долно Дивјаци е твое родно огниште…
Не ја прикривам лутината:
-Така ли? Мое? Не и твое, како семејно? Како најдлабок корен? В ред! Штом си решил…Среќен пат!
Се смрачи небото над Сиднеј. Почна бура. Грмотевици, молњи и пороен дожд.
По два дена син ми исчезна. Останав со мојата Госпоѓа. Сам.