Автомобилот е моторно возило, со каросерија во разни форми поставена на две оски со четири тркала, кое служи за превоз на стока и патници. Негов најважен дел е моторот. Тој е со внатрешно согорување и како погонско гориво користи бензин или дизел. Како алтернатива се користи гас, а за останатите видови на алтернативни горива се уште не е усовршен или омасовен процесот на производство (електрична или соларна енергија претворена во електрична, водород, „магнетна“…).
Развојот на денешните автомобили започнал во 1886. година во Германија. Првиот автомобил го конструирал и направил Карл Бенц, на 3. јули 1886. во Манхајм. Наскоро потоа Готлиб Дајмлер и Вилхелм Мајбах во близина на Штутгард, како и Зигфрид Маркус во Виена, произвеле свои верзии на автомобили.
Хенри Форд го изменил светот на автомобилите во 1908. година. На почетокот од 20. век автомобил можеле да имаат само имашните, односно мошне богатите луѓе. Биле мошне комплицирани, а требало добро да се познава механиката за да се возат. Форд го направил Моделот Т- автомобил едноставен, безбеден и кој може да го вози секој.
Идејата за тој автомобил настанала во 1906. година, Се се работело во строга тајност за да не дознае конкуренцијата. Значи, од идеја до реализација биле потребни цели 3 години!
Во следните 18 години за Моделот Т Форд отворил 3 фабрики кои во тој период продале вкупно 15.000 000 примероци. Сите автомобили биле правени рачно. Во 1910. тој ја измислил подвижната лента. Кога била воведена, требало многу помалку време и помалку луѓе за составување на автомобилот, а производството е драстично забрзано.
Интересно е што Моделот Т не е првиот автомобил на Форд. Негов прв „автомобил“ бил Quadricycle.
Во последниве години и кај нас и во светот се попопуларен, но и прилично поскап од другите автомобили (во зависност од марката, силата и опременоста), е џипот. Неговата историја е едновремено „индустриски“ обична-„стандардна“ и интересна:
Џипот (Jeep) на почетокот не бил марка на автомобил, туку ознака за вид на повеќенаменско возило (на англиски „General Purpose“, G.P.-се изговара „Џи-Пи“). Набрзо таа кратенка добива форма на зборот Jeep. Се користи како ознака на сите теренски возила.
Името настанало откако американската војска контактирала 135 фирми со барање за производство на лесен теренски автомобил. Тој морал да има погон 4X4, најмалку 3 седишта, хидраулични сопирачки, да може да носи митролез со калибар 30, да може да совладува угорниште од најмалку 45%, брзината да му биде 50 mp/ч ( 89 км/ч), да има најмалку четирицилиндричен мотор, да биде тежок 590 кг и да вози товар од 272 кг. Морал да биде произведен во период од 75 дена, кој бил скратен со чести технички состаноци на сенасе 49 дена(!). Секој учесник морал да произведе 70 возила, а 8 од нив да имаат управување на двете оски. Секоја фирма добила грант од 175.000 долари.
По демонстрацијата, убедливо победило возилото Bantam на фирмата BANTAM CAR-Butler-Pensylvania (поранешен American Austin). Таа успеала за 49 дена да го претстави првиот автомобил (на 21. септември 1940.), а останатите 69 единици да ги испорача на 17. декември истата година. Автомобилот настанал благодарение на брзата работа на инженерот Карл Најт Пробст, кој ги подготвил конструкцијата и производството само за 7 дена!
Следната фирма која го произвела автомобилот (на 11. ноември 1940.) под ознаката QUAD била Willys-Overland, а 12 дена подоцна и фирмата Ford со моделот Pygmy.
Jeep Willys е секако најуспешен автомобил направен за широка воена употреба, еден од „класиците“ на авотмобилизмот. Својата слава ја стекнал и одржал „во дождот од куршуми и блесокот на експлозии“ во секој оружен судир, од Втората светска војна до Војната во Заливот. Го сметаат за единствн вистински „гуштер“ помеѓу елегантните каросерии.
Предностите во однос на конкурентните биле исклучително јаката конструкција и „Go- Devil“ бензински мотор од 2,4 литри и околу 60 КС. Конечниот изглед на возилото вклучувал комплетна Willys-ова механика, но „дизајнот“ (ако може да се нарече изглед на едно воено, стриктно наменско возило) бил преземен од Ford.
Во текот на Втората светска војна се покажале сите предности на Jeep Willys. На пример, во однос на германскиот пандан Kubelwagen, кој е создаден врз основа на „Буба“, бил далеку поцврст и посигурен, а целата конструкција била создадена да поднесе погодоци од пешадиско вооружување. Дури и ако куршум го погодел ладилникот, тој можел да продолжи. Во текот на војната се развил во многу верзии, како што се чистач на мини, санитетско возило, а ако добро се изолирал џипот можел да биде амфибија и да се исфрли од авион в море.
Со овој модел се поврзани и многу анегдоти, како на пример за тоа како војниците масовно ги врзувале своите џипови за дрво за да ги најдат таму кај што ги оставиле, зашто возилата немале клуч, туку стартер и се користени според принципот „седнувај и вози“.
Нема сомнение дека Jeep исклучително многу придонел за победата на сојузниците, и тоа на сите фронтови, зашто исклучително добро се однесувал во калта на Нормандија, песокта на Алжир или снегот на Арден. Тоа признание го добил и од прочуениот генерал Патон кој рекол дека тенкот Sherman, Lockheed P-51 Mustang (борбен авион) и Jeep Willys се најсилните сојузнички оружја, без кои победата би била невозможна.
На крајот од војната, во 1945., бројот на произведени примероци бил 639.245, од кои голем број преживеале.
Уште во текот на траењето на војната Willys го заштитил името Jeep и по неа започнал развој на модели за цивилна употреба, наменети најмногу за фармерите. Веќе во 1946. почнува продажбата на моделот CJ2A, кој бил воено возило но во цивилна „облека“. За неколку години се продадени дури 250.000, како земјоделско возило со голем број на функции.
Меѓутоа, производството на вистинскиот Jeep за војската не престанувало и се проширило буквално на целиот свет. Сите сојузнички армии имале голем број на овие возила во употреба. Тие се склопувани дури и во поранешниот Советски Сојуз- во погоните на Gaz, како копија без лиценца, а благодарение на Законот за заем и наем според кој сојузничките армии ги разменувале техничките достигања („Застава“ од Крагуевац ги склопувала за ЈНА).
Новата верзија на воен Jeep, M38, е воведена во употреба во 1950. година., точно на време да се докаже во Корејската војна. Разликата била мала во однос на претходните модели- според благиот lif и 24-волтната инсталација. Следната промена дошла во 1957., кога верзијата M38A1 почнала да се користи. Овој модел доста се разликувал од претходниот и бил нешто подолг, со поинаков дизајн и имал нов мотор. И оваа верзија имала можност да се покаже, и то во Виетнамската војна. До целосното повлекување на Jeep-овите од употреба, на крајот од 80-тите години на минатиот век, оваа верзија константно се модифицирала но не го изгубила оригиналниот облик, филозофијата и карактеристиките.
Од друга страна, продукцијата на цивилните модели тргнала по друг пат и целосно се издвоила од концепцијата на заедничкиот предок.
Денес Jeep Willys е чест олдтаер, иако во некои армии и натаму се користи.
(Користени повеќе прилози на Интернет и енциклопедиски одредници)