Се изделил
еден човек од еден
среде круг зрачен,
среде некој нечуен ѕвон
сè уште жизнен,
па мигум одлетал на врв
на мраморен обелиск
испишан со тајно писмо,
со зборови кои некогаш
значеле нешто,
може именувале дамна
изгубен свет.
Сега кој да застане
пред човекот среде круг
зрачен,
среде некој нечуен ѕвон
сè уште жизнен,
го прашува зошто и како
дозволил од него човек
да се издели човек,
поготово што обелискот
е испишан со тајно писмо
или може именува дамна
изгубен свет човечки.
Наместо него одговара
изделениот од еден човек
двајца:
„Се изделив јас како
еден човек од него
и мигум одлетав на врвов
на мраморниов обелиск,
некако,
зашто во него од раѓање
му бев само негова сенка
без која не може да дише,
ниту, пак, се обидува
да го открие писмово,
тајно и именувачко,
што дамна го испишале
наши предци и потомци“.
ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, Зрачат сни, поетска инсталација, 9