Се собрале пред заминување
во далечен непознат предел
луѓе безимени без идентитет
без корен
обзеле огниште крај извор
дамна пресушен
со којзнае кога угаснат огон
со незнајно колку пеплиште
во него
неодбранливо од сегашни
сосе идни ветришта
што дуваат од којзнае каде
до којзнае кога
а уште никој не знае што е
за нив поважно
дали огништето
дали прсушениот извор
тие се решителни
сите заедно да заминат
во далечен непознат предел
што подалеку од климата
што подалеку од собитијата
во оваа пустошија
кои навалиле
семињата да им ги сотрат
та да не може веќе ништо
да заживее
обземеното огниште
крај пресушениот извор
знае дека е залудно
со умност да ги одвраќа
од намерата оставајќи го
самотно да умира однатре.
ОГОН ВО ПУСТОШИЈА, Огон, поетска студија, 49