Тоа е книжевно-критичко движење чии основни идеи никнале во Англија по Првата светска војна, а кое добило повеќе следбеници во САД на средината од 20. век. Спингарн прв го употебува терминот „нова критика“ во 1910. година.
Маѓутоа, општоприфатената употреба потекнува од насловот на книгата на американскиот критичар Ренсом, објавена во 1941. година. Во неа тој ги разгледува критичките идеи на Елиот, Ричардс и Емспон, кои претставуваат теоретска основа на новата критика, но и сфаќањата на Винтерс и Морис, кои останале надвор од нејзините подоцнежни текови. Освен за делата на спомнатите автори, ова движење е врзано и за пристапот на Тејт, Ворен, Брукс, а во помала мера и за погледите на Блекмер и Берк. На развојот на нивните идеи на поширок естетички план по 1950. година најмногу придонеле Вимзет, Вајвас и Кригер.
Иако новата критика не претставува изграден теоретски систем, дистинктивно обележје и даваат неколку заеднички идеи и интересирања на спомнатите автори. Во таа смисла, Ричардс со своите рани дела (особено „Начела на книжевната критика“, 1924) го одредил контекстот на новата критика со стремежот да се докаже и осветли вредноста на поезијата со оглед на интелектуалните претпоставки и методите на современиот научен позитивизам. Целта на новите критичари е „одбрана на поезијата“ по пат на објективност на позитивистичките методи. Во рамките на таквата основна намера и прифатена критичка дисциплина никнале нивните семантички интересирања, бидејќи јазикот е единствената позитивно дадена реалност на книжевниот феномен. Поради тоа го сметале за легитимно самото испитување на книжевното дело како семантичка структура, и за таа цел го создале методот на практична критика. (Во англиската и американската критика познат е и под името close reading-„внимателно читање“.)
Историски, практичната критика претставува реакција на биографскиот и историскиот метод. Теоретски тој подразбира дека книжевното дело е целосно објективизиран изразен систем кој може да се испитува и да се рабира во рамките на своите иманентни релации. Во таа смисла практичната критика се заснова на идејата за органската форма. Практичната критика не го издвојува толкувањето од критичкиот суд. Бидејќи ја испитува функцијата на книжевните елементи, практичниот критичар просудува со самото опишување, како што, од друга страна, свој суд дава исклучиво во вид на опис на функцијата на одделните елементи на книжевното дело.
Теоретски, нивната „одбрана на поезијата“ почива на идејата за органска форма, со која се спротивставиле на импликациите на научниот позитивизам како и на дуализмот на критичките категории (форма-содржина, фигуративно-буквално, писателовата намера-книжевната реализација, дело-порака итн.). За разлика од чикашките критичари, тие не им придавале значење на специфичностите на книжевните родови и видови, туку „го бранеле суштинскиот поим на песната, делото на јазичката уметност“ и инсистирале секогаш на поинаква примена на тој поим во неограничен број на одделни примери.
Поимот нова критика (Nouvelle critique) се однесува и на најновиот книжевно-критички правец во Франција, кој се карактеризира со битно спротивставување на тн. Универзитетска или стара критика. Околу 1960. година во француската книжевна критика се забележани извесни нови тенденции и нови методи на интерпретација на книжевните дела кои, по широка и темелна полемика што ја покренале претставниците на тн. Универзитетскат критика, покажале стремеж кон конституирање во една нова критичка школа, која е наречена Нова критика.
Произлезена како резултанта на критичките истражувања во 20. век, Новата критика е тесно поврзана со извесни поранешни критички ориентации, чии идеи, во еден заострен вид, таа ги продолжува. Всушност, се работи за различно сфаќање и на различни начини применета психоаналитичка постапка на интерпретирање на книжевните дела, која е продолжение на цела една серија на настојувања со откривање на писателовите потсвесни мотиви и неговите психички структури да се расветли нивната функција во книжевното создавање и во рамките на целото дело на еден писател како целина. Наспроти тн. Универзитетска критика која, од страв да не го повреди принципот на објективноста, не се впушта во работи кои не може со објективни и точни методи егзактно да ги објасни, Новата критика настојува делото да го открива однатре, да врши „иманентна анализа“, осветлувајќи го заемниот однос на психичките и книжевните структури.
Додека тн. Универзитетска критика настојува делото да го објасни со писателот, неговите пријателства, љубови, средина, со неговиот темперамент, психологија (но не несвесна, туку свесна) и на тој начин да му се одреди позитивна смисла, Новата криика, откривајќи ги внатрешните структури на делото, бара да открие комплекс на негови значења. Затоа што, според неа, делото нема едно значење туку повеќе, цела една атмосфера, мултиплицитет на значења. Таа во него не бара буквална, видлива смисла, туку она што не го кажува, а што сепак се наоѓа во него; оти, како што вели Сартр, „книжевноста се состои исто така од молчења како и од зборови; она што таа го кажува добива своја полна смисла низ она што таа не го кажува; а тоа е токму она што таа сака да го каже“.
Новата критика настојува во прв ред да го осветли потсвесното на писателот; она што таа го бара во делото не е секојдневниот човек, туку несвесниот, неговите опсесии, тајни, скриени митови, кои нему самиот му се оттргнуваат и за кои не е ниту свесен. Таа делото го сфаќа како манифестација на писателовото несвесно низ кое се отсликува колективниот дух на времето и средината, како манифестација на симболичката природа. Под свеста постојат фундаментални пулсации и конфликти кои писателовата свест не ги познава или ги потиснува, а кои такви, потиснати и непознати, влијаат врз текот на мислите и сензибилитетот.
Така Новата критика станува „критика на длабочините“. Од друга страна, во своето историско толкување на делото, Новата критика се јавува како барање на сите можни значења кои делото може да ги има во своето траење низ вековите, независно од својот творец, барање на се она што делото може да го каже на едно време. Бидејќи преокупациите и сознанијата на човештвото низ секоја генерација се менуваат, книжевната критика, според неа, треба во согласност со тоа да пристапува на истражување на делата и да го открива она што тие можат да го кажат на нејзиното време. Делото на тој начин, во контакт со секоја нова исориска ситуација, со секој нов дух, се трансформира и богати, тоа е во постојано настанување и обновување.
Новата критика ги опфаќа критичарите од најразновидни ориентации (марксисти, структуралисти, психоаналитичари и др.) Негови главни претставници се Барт, Морон, Пуле, Дубровски, Вебер, Бланшо, Русо, Ришар, Женет, Старобински и др.