Нов тениски крал: Новак Ѓоковиќ

Потребно време за читање: 3 минути

Српскиот тенисер со години на ред е при самиот врв на светскиот тенис за конечно да се искачи на него и да биде неприкосновен долго време. Сите познавачи- експерти на овој спорт по најновата победа на Надал, кој сигурно и натаму ќе му биде најголемиот противник (Федерер е очигледно во фаза на неодминливо паѓање), веќе го крунисаа за нов крал кому му предвидуваат долго владење со „кралството“.

Во финалето на Мастерс турнирот во Мајами Ѓоковиќ ја извојува новата победа против моментно првиот играч на светот на АТП листата, Рафаел Надал, со 4:6, 6:3, 7:6(4), и го освои четвртиот турнир годинава, а 22-от во кариерата. Тоа беше 25-ти меч на двајцата најдобри тениссери на светот и 9-та победа на Ѓоковиќ. Интересно е дека српскиот тенисер е четврти во историјата на тенисот (пред него Сампрас, Агаси и Федерер) кој во иста година ги освоил Австралиското отворено првенство, Индијана Велс и Мајами.

За оние што не го следеа мечот: тој беше еден од маратонските, траеше 3 часа и 21 минута. Неодоливо потсетува на дуелот на Ѓоковиќ и Надал од полуфиналето на Мастерсот во Мадрид пред две години, кога триумфираше Надал.

Во првиот сет најдолг гем беше четвртиот, кој траеше речиси 10 минути, а по кој Надал поведе со 3:1. До крајот Ѓоковиќ направи драматичен пресврт, намали на 5:4, но тоа не беше доволно и да го добие. Надал поведе со 1:0. Во вториот сет Ѓоковиќ играше многу посигурно и во ниеден момент не дозволи Надал да му се приближи, па го доби со 6:3. Потоа уследи третиот, решавачки сет кој, очекувано, заврши со тај- брек. Првите 5 поени беа мини брејкови- 3 доби Новак, а потоа уште 2 на сервис за 5:2. Потоа го доби и наредниот поен на сервис на Надал, дојде до 4 врзани меч топки, Надал намали на 6:4, но потоа уследи совршен поен на Ѓоковиќ со кој извојува конечна победа.

Изјава на Ѓоковиќ по мечот:

„Беше мошне неизвесно, мечот можеше да појде во друг правец. Ова беше еден од најдобрите финални мечеви што сум ги играл во животот. Секогаш е задоволство и чест да се игра против Рафа, тој е мој пријател и голем шампион, му посакувам се најдобро до крајот на сезонава“.

Изјава на Надал:

„Секоја чест за Новак поради се што направи на почетокот од сезонава, тоа е тешко да се повтори. Ова за мене беше добар турнир, играв подобро од ден на ден. Денеска имав неколку шанси, но Новак беше предобар за мене“.

За се уште официјално „недобиеното“ прво место (на АТП листата), Новак истакна: „Ова е почеток на сезоната. Мислам дека е прерано да се зборува за првото место на АТП листата. Рафа е дефинитивно најдобриот играч на светот во овој момент. Ако сакам да се обидам да дојдам до првото место, ќе морам да играм константно во текот на целата година. Сите знаеме дека земјениот терен му е омилен на Надал. Сепак, оваа победа ќе ми даде голема самодоверба пред стартот на сезоната на таа подлога“.

Од друга страна, Надал изјави дека очекува Ѓоковиќ да го смени од тенискиот трон доколку задржи ваква форма:

„Тој освои сега два големи турнира на ред и еден Грен слем…Нормална работа е да стане прв тенисер на светот во наредните месе ипол до два. Не знам, се зависи од моите резултати на земјен терен. Јас ќе се борам поради себе. Доколку одиграм мошне добро во текот на сезоната на земја, ќе видиме што ќе се случува“.

Со најновата победа над Надал Ѓоковиќ се зацврсти на втората позиција на АТП листата. Сега има 9.700 бода, 3.170 помалку од првопласираниот Рафаел Надал. Трет е Швајцарецот Роџер Федерер со 8.550.

Од коментарите во светските медиуми, се издвојува оној на колумнистот на „Yahoo sports“ Крис Чејс:

„Прво, најголемото ривалство во светскиот тенис повеќе не го вклучува Роџер Федерер, второ и ушге поважно, најдобриот тенисер на светот во овој момент не се вика Рафаел Надал…

Менталната сила на Ѓоковиќ отсекогаш била јака, но во неделата импресионираше физичката, на крајот Шпанецот беше тој што се умори. Покрај сите традиции што ги урна, Новак повеќе нема да слуша приказни дека мора да изгуби силен меч на големи горештини“.

Месеците и годините што доаѓаат ќе го дадат одговорот на прашањето каде во историјата на тенисот ќе се смести Новак Ѓоковиќ. Нема дилема дека тој во овој момент игра најдобар денис на светот, а низата од 24 победи веројатно ќе биде продолжена во Монте Карло.

(Користени повеќе текстови на странски агенции и медиуми)

Leave the first comment