Одејќи со бавни чекори
кон недоглед,
прашувајќи се колку е
близу или далеку
од своја цел,
човек понапред од сите
кои досега биле крај него
или во чекор со него
наеднаш навлегува во ноќ
меѓу безброј ѕвезди;
ненадејно зашто досега
минал ноќи со ѕвезди,
ноќи заедно со ѕвезди
на ширно небо.
Го изненади не толку ноќта,
колку ѕвездите во неа
сосе него меѓу нив;
како и он да станал ѕвезда.
Човек-ѕвезда надвор
од себеси, меѓу блиски
и далечни ѕвезди.
Човек во ноќ меѓу ѕвезди.
Он меѓу ѕвезди
и ноќ меѓу ѕвезди.
Свесноста за состојбата,
всушност за расположбата
го наведува да заклучи
дека ноќта меѓу ѕвезди
молчи кога говори
и говори кога молчи;
значи, станува збор за говор
кој или нему не му е познат
или е некој нов кој светот
околу него и пред него
го прави уште понеразбилив,
уште поотуѓен од него.
Сè уште не може да одгатне
дали ноќта и он меѓу ѕвезди,
он ѕвезда надвор од себеси,
се живот или исчезнување.
ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, Зрачат сни, поетска инсталација, 24