Петта и последна нивна средба љубовна, ненајавена со каков било знак, глас, слово или збор. Сега е сигурен дека по сè доречено не беше случајна, туку посакувана и предвидена. Сеедно дали од него, од неа или од заедно. Исполнета со кратки дијалози, долги монолози и длабоки молчења.
Најпрвин сосема накусо навраќање на нивните претходни четири средби.
Забелешка при навраќањето на првата: весело расположени, со насмевки, смеа, спонтани движења со рацете, доближување и оддалечување на телата.
-Се сеќаваш на кафулето крај брегот на мртвата река?,-ја праша тој.
Таа со рамнодушна насмевка:
-Како да не се сеќавам? Во него нашата прва средба… Ме праша што правам и како сум. Јас ти одговорив дека не правам ништо и не сум никако. Ти дообјаснив дека е така зашто можеби не постојам ни за себе, а камо ли за друг.
Продолжи тој:
-Па уште ми „нареди“ да не се замислувам дека сум некој за тебе и да си бидам што сум без тебе. Прифатив по малку навреден.
Забелешка при навраќање на втората средба: сериозни, одвреме-навреме замислени.
Почна тој:
-Ни беше невозможно што се сретнавме на снежниот врв на планината над отруениот град. Па уште сме тргнале секој сам во исто време и сме стигнале. Ти грубо: спротивни ни се, па и меѓусебно неподносливи карактерите. Детинесто објаснување: твојот бил расположен оти врвот беше снежен, а на мојот му студеше. Божем.
Продолжи таа:
-И сега не знам зошто прифатив да слегуваме заедно од врвот.
Забелешка при навраќање на третата: едно неделно сончево утро во градскиот парк на почетокот на градот, обајцата прилично молчаливи.
Пак прв тој:
-Знаев, ама искажав сомнеж дека сè уште не се познаваме доволно, а ти ги истакна двата први и најважни „услова“ за тоа-искреност и заедничка желба. Не недостасувањето еден на друг во кое било време, ниту заедно во неповторливи ситуации и состојби.
Пак продолжи таа:
-И тогаш не ти поверував, а не ти верувам ни сега дека не можеш без мене, ти недостасувам во осаменост. Без оглед што велиш убедливо дека е така сосе твоето минато во некое наше време. И тогаш тврдев и сега тврдам: нашите различности не се надополнуваат.
Забелешка при навраќањето на четвртата средба: среде мост од нескршливо стакло над бездна, со заеднички внимателни чекори и стравувајќи да не се скрши, да не се преполови, да се распрсне и тие да полетаат во неа.
По неколку заеднички чекори стој во место, држејќи се цврсто за раце,
Таа:
-Тоа беше многу глупаво. Средба на мост од нескршливо стакло над бездна! Божем не се плашиме, но не се осмелуваме ни чекор напред или назад. И твојот навистина глупав коментар дека средбата била конечно нешто наше. Била неминовна. Како да не!
Тој:
-А ти пак за нашите минати и сегашни времиња. По малку филозофски заклучи дека веќе не е прашање дали ќе стасаме во идно заедно или секој со свое време, туку дали меѓу нас може да се случи нешто што не се случило досега. Згора, со категорички став: тоа не зависело од нас, ни како никогаш досега.
Таа:
-Се обидов да ти ја наметнам темата за естетското и етичкото; дилемата дали се тие наспоредни, дали се дополнуваат или се меѓузависни. Дури се обидов да те поттикнам да прифатиш сериозно промислување со заклучокот дека е најважно и едното и другото да не излезат од нас кога адреналинот е сè појак…Ти, пак, очигледно неподготвен, таа секогаш предизвикувачка тема ја „поврза“ со живуркањето еден без друг и „мудро“ заклучи дека можеме заедно дури и да живуркаме.
Тој:
-Да, а ти се налути и веќе не прозборе сè додека не го минавме мостот.
Се разбира, ни тој ни таа не ни помислуваа дека петтава нивна средба љубовна, ненајавена со каков било знак, глас, слово или збор ќе им биде и последна. На брег на мирно езеро, под ѕвездено небо, час-два пред полноќ. Средба љубовна, со нежни допири, гушкања, бакнежи, понекој збор меѓу нив и возбудени воздишки.
По сè доречено во претходните четири, во петтава ништо меѓу нив случајно, туку посакувано и предвидено. Од него, од неа и од заедно. Без ништо како најава дека ќе им биде последна.
Таа:
-Остануваме неименувани за секој раскажувач на нашава љубов?
Тој:
-Мислам дека е подобро така кога се раскажува чија било чија било ваква. Без оглед на нејзиното траење и нејзината содржина. Пред сè затоа што нашава не е посебна. Според ништо не е исклучителна…Добро, почетоците се можеби единствени, особено почетокот при нашата средба на мостот од нескршливо стакло над бездна. Но, тоа не е суштествено за нашата, како за сечија љубов…Јас мислам дека нејзиниот тек ќе беше сосем поинаков, во голема мера необичен, доколку во меѓувреме најдовме време за промислување на минатите и сегашните времиња како заеднички, како и за тоа дали ќе стасаме во идно заедно или ќе останеме секој со свое време.
Таа:
-Ај тоа…можевме да го промислиме во меѓувреме. Но, не сум се откажала од меѓусебно споделување на мои и твои ставови за естетското и етичкото. Без обид за согласност. На пример, јас се согласувам со некои мислечки личности дека етиката во суштина е практична бидејќи го избира најдоброто за човекот, пред сè за негово повисоко добро. За она што човек го достигнува првично, па и за продолжението не се потребни правила. Без оглед на „опасноста“ од лошото дејствување и лошите дела.
Тој:
-Признавам дека досега не сум размислувал за односот меѓу етиката и естетиката. Признавам и дека многу не ме интересира. Според мене, развојот на човечката цивилизација ниту можел, ниту е можен во континуитет со неетички дејствија и дејанија. Уметноста во суштина е етичка зашто е духовна, што значи дека таа не може да биде естетска, а да не биде етичка. Знам за учени кои го потенцираат естетското како начин на кој се манифестира етичкото. Етиката се пројавува како возвишеност на естетиката.
Таа:
-Мене ми е дилема дали се тие наспоредни, дали се дополнуваат или се меѓузависни. Да те потсетам на мојот заклучок: најважно е и едното и другото да не излезат од нас кога адреналинот е сè појак…Не се согласувам дека можеме заедно дури и да живуркаме. Дури и љубовта да ни е безмерно јака.
ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ, роман, 64





