НЕИСПЕАНИ И НЕДОПЕАНИ ПЕСНИ, стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

48. Неминовно

Кога нешто неминовно
треба да се случи
по некое од моите
рани будења,
бидејќи сум насетувал,
ми се навестувало,
со некакви таени знаци
ми се најавувало,
станувам мигум
застанувам на нозе
на прагот од моето
вековно огниште,
па скокам во простор,
па полетувам во време,
па заживувам во мојава
па заживувам во мојава
сè уште плодна земја
и пуштам мои нови
меѓу старите корени.

Тоа затоа што
неминовното нешто
не смее да мине,
ниту да помине,
ниту да ме одмине
без мој знак и трага,
без мој глас и збор
на мојот опстанок.

А кога нешто неминовно
ќе се случи
пред некое од моите
рани будења
и по некое од моите
пополноќни заспивања,
бидејќи
ниту ми се насетувало,
ниту ми се навестувало,
ниту ми се најавувало
со некакви таени знаци,
седнувам мигум
крај моето
вековно огниште,
па согледувам дека
во просторот и времето
што уште ги живеам
ми снеможела снагата
до толку, што веќе
моите стари корени
дишат сè потешко,
нивните срца чукаат
сè побавно,
а меѓусебно веќе не се
ни препознаваат.

Тоа затоа што
неминовното нешто
минува, поминува
и ме одминува
сосе свој знак и трага,
сосе свој глас и збор
на мое непостоење.

Leave the first comment