44. Врска
Има ли каква годе врска
меѓу мудрост и чувства
во рамновесие деноноќно,
за човек кој насетува
или може веќе знае
според знаци предвесни
дека уште една љубов
му исчезнува пред очи?
Се прашувам не зашто
не знам да си одговорам,
туку согледувајќи колку
брзо тонам
во заборав, рамнодушие,
доживување од раѓање
до траење неизмерно
на сончевина.
Има ли каква годе врска
меѓу мудрост и чувства?
А има ли мудрост
без чувства,
а има ли чувства
без мудрост?
Не ми е до одговор знаен,
со опитност докажан,
по прелет на небо
меѓу една и друга
стара планина.
Не ми е до одговор знаен
ни по преживеано време
на сомнеж и надеж во сон,
на болка во мрежа
пајакова
што никакво невреме
не може да ја испокине,
да ја развее во неврат.
Сè ми се чини, сè мислам
дека мудроста и чувствата
се наспоредни
кога некоја земна
или небесна сила
ќе надвладее опстојба
на обградена самост
со неизлечиви болештини.