НЕИСПЕАНИ И НЕДОПЕАНИ ПЕСНИ, стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

31. Смрти катаден

Гледам и чувствувам
катаден секакви смрти
на обични, незнајни,
на знајни, видни,
на велики, возвишени
луѓе.

Како катаден
да ја чекам мојата.

Смрти на нозе,
смрти наземи,
смрти во постели;
смрти спокојни,
смрти преуморни,
смрти болни;
смрти трагични,
смрти смешни,
смрти комични;
смрти доблесни,
смрти игриви,
смрти молскотни;
смрти топли,
смрти ледени,
смрти самотни;
смрти непреболни,
смрти заборавни,
смрти слободни;
смрти на деца,
смрти на млади,
смрти на стари;
смрти на свесни,
смрти на бесвесни,
смрти на безимени;
смрти на жални,
смрти на јадни,
смрти на голи;
смрти на вљубени,
смрти на родени,
смрти на мртви;

смрти насилни,
смрти невини
на луѓе, семиња,
плодови, соништа.

Не, не ја чекам
мојата зашто знам:
кога да дојде секако
ќе дојде ненадејно;
во мигновен зрак,
а во него јас жив,
рамнодушен,
и во последен издив
во кој јас ќе бидам
знак постојан,
еден засекогаш.

Leave the first comment