13. Моја вистина
Долетале птици крилати
на мојот небосвод ширен;
молчаливи,
ко преуморни од долг лет
пред крај на живот
или на почеток жизнен.
Ниедна од нив да слета
барем за миг,
да ми испее песна
навестувачка
на време плодно,
на семе посевно,
на време созревачко
и делотворно;
или на сушна,
на бесплодна земја
со мене обессилен за нова
потрага по зборови што
во достој со доблесна
достојност
заживуваат јунаштво
непорекливо, безмерно.
Тие како да долетале
за на сите да им ја откријат
мојата вистина за
вековитоста на огништата
на предците;
кои во зловреме
ги напуштиле
со неугаслива надеж
во срцата
дека ќе се вратат некогаш
за одново огнови во нив
да запалат, крај нив
со души спокојни
да починуваат.