НЕИСПЕАНИ И НЕДОПЕАНИ ПЕСНИ, стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

1. Ми минува времето

И моето време минува
со чекор
сè потежок и поизвесен;
со сите
семиња, корени,
стебла, плодови;
со лисјето и вејките
пред мене, по мене,
околу мене.

До пред некои години
стамени
одевме во еден чекор
низ родни земји,
низ пустошни предели;
оставајќи траги
на воздиви
преполни со игри
целни и бесцелни.

Ми премалија снага
излитени зборови
од песна за неизмерно
човечко искушение,
со утешение
сосе смирение.

Ми минува времето
во ова рано утро,
буден
по едни, по други ноќи
без дни.

Не, не ми е болка,
ниту ми е
каква-годе болештина
на срцево
за љубов меѓу
сништа скрити.

Само да ми е да знам
колку се временени
семињата и корените
на опстојов под мојов
молскотен небосклон.

Leave the first comment