Неговиот небосклон

До кај што може да е негов
сал негов е овој
негов небосклон
од едно до друго рано утро
од изгрејсонце до самрак
од него во него за него
сè до негова сенка која
сè уште не го напушта
додека е сам.

Дел од небото непрегледно
кој  успеал да го прибере
во свеста мислата и срцето
војувајќи против плевели
отровни семиња и отрови
растурени на плодна земја
од зла крв на скитачи
уморени од пробиви
низ сомнежни премрежја.

Неговиот небосклон
ту му доаѓа на дофат
ту му бега како никогаш
да не ќе може да го достаса
како да се обидува
да му докаже дека не е
ниту може да биде
сал негов.

Дел од небото непрегледно
кој го прибрал за некое
идно време
исто со него или без него
постојано.

ОГОН ВО ПУСТОШИЈА, Мразнина, поетска студија, 51

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.