Хорхе Луис Борхес еден од оние живи меѓу мртвите кои одвреме-навреме се замешува во луѓето како дел од нивните соништа. Тој е творец докажан во сечија индивидуална стварност, со свој дел од небото над хоризонтот односно небосклонот. Со кој најчесто може да се сретне во фантастичното што е секогаш строго разграничено од замисленото. Неговите поединечни средби со кого било од живите или мртвите обично се случуваат во ниедно доба на ноќта, речиси пред зори и пред самиот почеток на губење на сонот. А кога се случува тоа, речиси неминовно немоста се продлабочува пред екотот на надојдено невреме.
Небосклонот на Борхес е автентичен, па како таков на никаков начин никој не може ниту да го повтори, ниту да го изедначи со на друг. Најтешко е да се навлезе во неговиот говор, конкретно да се разгатне слоевитоста на зборовите и сликите во него. Особено на именките и глаголите. Таквите обиди најчесто завршуваат со неодгатнати, а прифатени самогласки како сврзници.
Пронајден е дел од неговиот светоглед, посветен на замислената, во најголема мера фантастична стварност. Станува збор за избледната страница, несомнено откината од непозната или непостоечка книга, со неколку испишани редови со рака, како бели стихови, тешко читливи и неповрзани. Некој во фуснота, изделена со цртичка и назначена со ѕвездичка го запишал веројатниот превод или препев. Може да се рече дека неговото сегашно, моментно обзнанување му даваат нова димензија на раскажан живот и смрт пред сечие исчезнување.
Редовите:
„Љубов родена…тело и душа…а…у…убавина на живот. Меѓу пред очи и во очи живее мисла…па…о…со…Годините се редат без смисла…Всушност времето на опстанокот…Сè минливо е минливо…како…Исто на земја, во земја, на небо, во небо, меѓу земја и небо и…Вител, витли…а…да…но…води за воздух…За жал“.
Фуснотата:
„Љубовта е родена во тело и душа
(или меѓу тело и душа),
а тоа значи продолжение на
нова убавина на живот.
Меѓу пред очи и во очи
живее мисла,
па дека живее, о живее со мисла
секако многу смрти ќе преживеат.
Годините се редат без смисла
зашто се слободни
и сами решаваат за иднината
запишана во минато
сè уште недовршено време.
Всушност времето на опстанокот
го трошат како да е минлив миг.
Сè минливо е минливо,
како да не е од човек, во човек
кој скоро ќе умре ист
меѓу земја и небо,
исто на земја, во земја,
на небо, во небо,
сосе земја и небо
и некоја слика и некој збор.
Вител, витли,
а вител да се најде со витли,
но не долготрајни,
на води за воздух.
За жал“.
ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ), 18