Небосклон

Внатрешни содржини

Нечие небо над мене
се распослало
не знам од кога
не ми се чини одамна
исто како што
не ми се гледа цело
туку како парче
кое успеало некако
да се оттргне
од некоја целина
може од единство
на неба собрани
како околу молња
за да се договорат
каде натаму.

Не знам дали за мене
се распослало
затоа што сум жив
уште
или дека се сите дамна
на своите хоризонти.  

ВНАТРЕШНИ СОДРЖИНИ, Пустелија, поетска студија,16

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.