Навалиле сенки

Потребно време за читање: < 1 минута

Од сегде навалиле сенки
на простор заграден
со зборови гламносани,
по оган мразен
одвај угасен од ветрови;
за никогаш одново
да не оживеат.

Не се сенки на луѓе кои
или мигум исчезнале
или заминале далеку,
негде кај што дамна
нема жива душа
да испее раѓање
на ново верување
дека постојат светови
на вечни тишини.

Сенкиве на просторов
заграден со зборови,
гламносани по оган
мразен,
постојано се движат;
како едновремено
да се слободни
и да бараат слобода
за нивен таен говор;
независен од звуци
кои
ту се доближуваат,
ту се стишуваат
во неизмерна далечина.

Наеднаш се случува
молскавица
да удри среде нив,
па нов мразен оган
да се запали сам од себе;
па по неа да почнат
кои мртви, кои уште живи,
кои обесвестени,
кои со гламносани лица
да се ништат меѓусебно.

ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, Зрачат сни, поетска инсталација, 16