На умирање

Тивки клокоти

Жално:

Човек на умирање легнат во бела постела, а околу него два-тројца ближни и молк. Често го прашуваат како му е, го боли ли, а тој само одмавнува со левата рака или одвај забележливо кимнува со главата. Десната рака и сета негова десна страна од снагата му се одземени.

Човекот во претсмртна постела повеќе ги држи (цврсто?!) затворени очите, а помалку ги гледа два-тројцата ближни. Погледот се повеќе и подолго му е втренчен во нешто далечно, можеби едвај догледливо. Ближните негде прочитале дека тоа е најчесто светлина кон која се упатил и сигурни се дека човекот брзо ќе угасне.

Една млада девојка во црвена свилена кошула и кафено сомотско здолниште клекнала крај човекот во бела постела и придушено рида.

ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 132

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.