5. На нозе
Не сум на ветромет,
сè уште сум на нозе,
а над мене црн облак
што се збира во точка
која не знам
дали е за мој почеток
или за мој крај.
Не сум на ветромет,
а сум бил долго,
со години во години
на нозе,
исправен, извишен,
како секој што знае
дека не може да знае
дали некој црн облак
совреме ќе почне
да се збира во точка
која нема да ја надвие
ни со мисла ни со дело,
ни со опитност
од секакви невремиња
што оставиле записи,
знаци, гласови,
секакви траги
на љубов, страст
спокој и потомство.
Сè уште сум на нозе,
но скоро секако
ќе бидам на ветромет
ако црниов облак,
што над мене се збира
во точка,
ми премали снага
и ме исчезне далеку,
недогледен, недостижен,
неизгорлив
или
неволен, неизвесен,
неможен,
нежив.