10. Гледиште
Прво ми е непорекливо
за времево во кое сум
и ќе бидам може сè уште.
Тоа затоа што в коски
ми се собрани
многу мразнини
и многу жештини
од многу будности
дали ќе ме има уште
или скоро ќе ме нема.
Сетне не оставам
кому било да ме остави
некаде на полпат,
настрана од патот
по кој стамено
стојат, одат напред,
се враќаат назад
непоразени, а гладни
и бедни.
Зашто ако можат сами,
ако можат без мене,
тоа значи дека залудно
сум ги предводел
низ сомнежи
и стравови сматни.
Сетне длабок молк
непремостлив
ставам помеѓу нас
за никој да не заборави
на мојата опитност
помеѓу стварноста
и заумноста.
Како од мене показ
на шега
дека друго гледиште
освен моето
не продолжува живот
по смрт.
Најсетне ги оставам
какви што се,
непоразени, а гладни
и бедни,
без моите коски,
во кои ми се собрани
многу мразнини
и многу жештини
од многу будности
дали ќе ме има уште
или скоро ќе ме нема,
како веќе да ме нема.
За сами да го спознаат
најдлабокиот молк
помеѓу нив
како непремостлив.