Божана Христова е на издишување. Се разболе неизлечиво пред неполни две години, легна на чиста, бела волнена постела и до ова утро не е станата. Ја издаде снагата, ѝ откажаа нозете и десната рака, а левата сè уште едвај успеваше да ја принесе до устата и со влажно марамче да си ги навлажи усните. Нејзините ближни, синот Борјан, снаата Билјана и внукот Костадин, одвреме-навреме ќе ја свртеа настрана и ќе ја измиеја со влажни крпи за да не ѝ се отворат рани од лежење.
Од пред два дена до ова утро Божана Христова дишеше рамномерно, спокојно. Утрово повеќе забрзано, некако исплашено, со сè поголеми паузи во дишењето. Се чинеа бескрајни од издишување до вдишување.
Ѝ започна претсмртниот час? Бледилото на нејзиното лице и поготово модрината на нејзините подочници како да стануваа сè поизразити.
Борјан и Билјана сосила, со туркање го натераа Костадина да излезе од собата. Тој низ плач ја праша мајка си дали баба му е готова, ќе умре ли, а таа не му одговори. Само го потапша по рамо.
Потоа не помина ни час кога Божана Христова вдиша најдлабоко од кога било досега, ги отвори очите, ја испружи левата рака покажувајќи со кажипрстот кон отворениот прозорец спроти креветот, се насмевна благо и издиша за последен пат.
На нејзините ближни како да им олесна дека конечно заврши заедничката речиси двегодишна претсмртна голгота.
ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 85