Потребно време за читање: 2 минути

Прво излезе на чистина по долго лунѕање низ каменити и суви предели, па низ одвај проодни шуми со високи столетни дрвја, густи диви треви и трње, па низ живи мочуришта, брзаци, матни реки, длабоки води, мрачнини, пајажини,тишини, самотии и неизлечиви болештини. Излезе на чистина со последни сили, речиси пред последен издив, ранлив и скрвавен.

Излезе на чистина надевајќи се дека на неа ќе излезе и непријателот и конечно ќе се пресмета со него. Доволно беа сите досегашни судири со него без почеток и крај. Доволни беа неговите бегови и криенки пред конечен пораз и продолжено непријателство.

Внимателно се загледа во чистината; на сите страни, пред него, зад него, покрај него. Му се виде недогледна, бескрајна и безживотна. Како да е само тој, како да е сам. Да не е и тој веќе безживотен?…Каде е непријателот?!

Се праша дали чистината е навистина чистина. Да не е можеби некаква нему незнајна празнина или длабина како конечност, како негов крај? Можеби од преумора само му се присторува дека стасал на неа? Само ја замислува?

Прочитај и за ... >>  Глетка

Да не доцни непријателот, па треба да го причека? Ако доцни, нема проблем. Тамам малку ќе одмори, ќе обнови сила и полесно ќе се справи со него, побрзо ќе го порази конечно. Најде сенка под карпа и седна во неа.

Почна да го фаќа дремка. Ѝ се опираше некое време, но безуспешно.

Во првиот сон му дојде неговиот непријател. Застана пред него, во сенката, и му рече со рамнодушен глас:

„Уште не научи дека јас не сум ти непријател како сите други твои поранешни и сегашни? Дека не сум ти ниту привремен, кого ќе го поразиш конечно, ќе го уништиш или ќе го натераш да се однесува и дејствува според твои морални и правни норми…Јас сум ти траен непријател, со кого веќе нема да се бориш за конечно да го победиш на чистина и да завладееш со него…Јас сум твојата совест“.

Се разбуди и воздивна длабоко.              

ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 81