Музеј на живите фосили – Охридско езеро

Потребно време за читање: 3 минути

Ретки се местата на Земјата каде што некогашниот животински свет успеал да преживее илјадници години и да се одржи до денес. Тоа било можно единствено на оние каде што со стек на околностите долго се очувале непроменети животните услови.

Едно такво место на планетава е и Охридското езеро.

Охридско езеро

Поради мошне богатиот и разновиден животински свет, кој во него успеал да се одржи уште од терциерот, тоа често се нарекува и „Музеј на живите фосили“. Според ендемичниот свет, кој на други места одамна исчезнал, Охридското езеро е слично на Бајкалското, најголемиот зоопалеонтолошки музеј на Земјата.

Охридското езеро било уточиште на старата терциерна фауна која се одржала, речиси без никакви промени, до денес. Дури ни леденото доба немало поголемо влијание врз фауната. Езерото во терциерот било нешто подлабоко и постудено, но кон него не се спуштале глечери, па останало сочувано како резерват на терцијалниот свет.

Најстаро во Европа и едно од најстарите во светот

Со својата старост помеѓу 4 и 10 милиони години, Охридското езеро е најстаро во Европа и едно од најстарите во светот. Тоа е типично олиготрофно-сиромашно со хранливи материи, тектонско и му припаѓа на таканаречените дасаретски езера (според името на областа Дасаретија во античкиот период). Настанато е во терциерниот период пред глацијалниот. (Најголемиот број езера во светот се појавени непосредно по глацијалот; порано настанале Бајкалското, Каспиското, езерото Тангањика, неколку езера на Целебес, Филипините и Кина.)

Езерото е „распослано“ во Охридско-струшката котлина, на македонско-албанската граница, на 41 степен северна географска широчина и помеѓу 20 и 21 степен источна должина. Лежи на надморска височина од 695 метри и зафаќа површина од 385.2 кв км, од кои околу две третини и припаѓаат на Република Македонија, а една на Република Албанија. Крајбрежната линија е долга 87.5 км, максималната должина е 30.8 км, а максималната широчина 14.8 км. Средната длабочина е 164 м, а максималната 289 м. Езерото се граничи со масивите на Мокра Планина (1.589 м.) и Јабланица (1.945 м) на албанската страна, и со варовничкиот гребен на Галичица (2.255 м.) на источната страна. Околните планини се изразито карсни.

Охридското езеро се прихранува претежно со изворска вода од бројните површински и подводни извори. Најголемиот дел од нив се наоѓаат на јужниот брег, кај манастирот Свети Наум на македонска страна, во околината на селата Тушемиште и Старово и градот Поградец во Албанија. Во Езерото се вливаат околу 40-тина реки и потоци ( 23 на албанска територија и 17 на македонска). Реките Сатеска, Коселска и Чорава се единствените водотеци со значаен протек што се влеваат во Езерото.

Карактеристичен ендемски живот

Ендемизмот (присуство на единствени, уникатни организми) е помалку изразен одошто во Бајкалското Езеро, но е карактеристичен за живиот свет во него, и тоа со 88% кај ендопаразитските инфузории (мали паразитски организми), 44% кај рабдоцелите и 71% кај трикладидите (сплескани црви), 90% кај полжавите, кај помалите ракчиња 66% и 60% кај рибите.

Рибниот жив свет во Охридското Езеро е претставен со 17 автохтони видови од семејствата Salmonidae (2 вида), Cyprinidae (12 видови), Cobitidae ( 2 вида) и Anguillidae (1 вид). Приоритетни се двете ендемни и реликтни пастрмки-охридската и белвицата, потоа европската јагула и плашицата.

Охридска пастрмка

Надалеку е прочуена охридската пастрмка која достигнува тежина поголема и од 10 кг. Белвицата е помала, може да нарасне до 30 см., и е со тежина до еден килограм, што е редок случај. Плашицата е риба која се лови во зимскиот период. Може да нарасне од 5 до 15 см. Од нејзините скрлушки со посебна технологија се прави прочуениот охридски бисер.

Од ендемичните видови позната е рибата „летница“, во народните песни опишана како „риба од Охрид“. И припаѓа на старата терцијална фауна и се наоѓа само на уште неколку места во светот.

Во редот на животинските видови треба да се спомнат слатководните школки, ракови, сунѓери и слично. Од четирите присутни видови сунѓери, најпознат е ендемичниот тркалезен сунѓер кој живее на длабочини од 40-50 м.

Ендемични полжави

Помеѓу најинтересните реликтни жители на Охридското езеро се некои видови на ендемични полжави. Од 38 вида кои живеат во него, само 4 можат да се најдат и во други води. Фосили од полжави и од школки стари еден ипол милиони години можат да се видат во Природонаучниот музеј на Македонија во Скопје.

Живите фосили се во различна форма и големина. Спирални, ѕвездести, конусовидни, тркалезни, ишарани со стрии и со микроскопски влакненца. Некои од нив можат да се видат само под лупа. Секој полжав си има своја школка и нема два исти.

Полжавите низ историјата опстанале благодарение на непроменетите животни услови во езерото, тектонското потекло, долгата географска изолираност од другите водни басени, како и големата пропустливост на подземните води.

Подводоно растени хара

Од растителниот свет доминираат различните видови на алги и виши водни растенија. Како особеност на Охридското Езеро е присуството на подводното растение „хара“, кое формира еден континуиран прстен на дното на длабочините од 6-15 метри.

Ендемизмот е изразен и помеѓу планктонската заедница (мали микроскопски организми кои лебдат или активно пливаат во водата), и тоа како кај зоопланктонот (животинската компонента), така и кај фитопланктонот (растителната компонента).

Leave the first comment