МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ, роман, 7

Потребно време за читање: 3 минути

7. Јас раскажувач, личности, структура

Се разбира дека можам, но засега јас не сакам да раскажувам настани. Ни како главен лик, ниту како измислувач или обмислувач на собитија од различни гледни точки. Ни надворешен ни внатрешен. Особено затоа што сум најчесто и учесник и како второ или трето лице, значи како сведок. Притоа, секогаш внимавам на објективноста и сите конци да ги имам во свои раце. Со други зборови, да знам сè: фактите, аргументите, сликите, зборовите, психофизичките карактеристики на ликовите со кои сум бил, сум и треба допрва да бидам. Наспоредно со моето учество, некогаш дури како главен, од кого произлегуваат и во кого влегуваат најважните процеси.

Како сведок секогаш се обидував, се обидувам и нема да престанам да се трудам да бидам во преден план, па и кога свесно имам споредна улога. Слично на хроничар кој открива артефакти и документи нужни за структурата, а најпрвин за заплетот. Прфитоа, тргнувајќи од пристапот, конкретно познавањето на личностите, просторот, времето; потоа од следењето на развивањето на собитијата и процесите, без нивна поделба на главни и споредни, сè до конечноста односно решението или крајот на сè. Не го одбегнувам ни наглото почнување, сеедно дали конечноста е на почетокот. Процесите и собитијата, пак, ги раскажувам подоцна, што е сушност на обратната структура. Не ја одбегнувам ниту отвореноста на крајот.

Прочитај и за ... >>  Јас или Тој и Тој или Јас

За времето и просторот јас веќе нешто поткажав, а сега да докажам:

Времето најчесто почнува од сегашноста, а во него или блиску до него се и минатото и иднината. Неретко го истакнувам пролепсисот односно исчекувањето, особено на собитијата кои не ги ни навестувам. Тоа затоа што за најголемиот број од нив не знам дали ќе ги има доволно или, пак, иднината ќе остане без нив.

Што се однесува на просторот, тој и во овој контекст е соодветен. Значи безграничен, сличен на Универзумот. Што, пак, овозможува средби со видни и маргинални личности.  Некои од нив може да ми биле, да ми се или да ми бидат допрва само мене познати. Тоа еднакво се однесува на разговорите, заедничките промислувања, собитијате и дејствијате. На едно, на многу места, кај што требало и не требало, каде било кога биле.

Конечно за карактеризацијата на личностите:

Лично отсекогаш сум се залагал, се залагам и ќе се залагам сè додека ќе можам да раскажувам за стварни или замислени личности, сеедно дали со своите вистински имиња или од мене преименувани. Некогаш еден главен, некогаш повеќемина, со личен физички, психолошки опис или безлични, во врска или без некоја видлива врска со процесот или собитието. Некогаш еден спореден, некогаш повеќемина. Поначесто без никаков опис, но кои се споредни затоа што се битни, без кои не се може или тоа е тоа со нив. Разбирливо, овде-онде ќе се сретнат, а може и да се наметнат такви кои ќе се појават некое време или само за миг, па ќе исчезнат или неминовно ќе ги заборавам.

Прочитај и за ... >>  МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ, роман, 6

Имајќи го сето наведено предвид, да не заборавам на дилемата, можеби поточно несигурноста, дури и неубеденоста дека моево раскажување ќе успее со каков било крај само од слики и зборови. Тоа најмногу зависи од еднаквоста, едновременоста и наспоредноста на предвидливоста, исчекувањето и ненадејноста. Кои, пак, ја потврдуваат или негираат исклучителноста.

Откривам дека подолго време водам темелни расправи со мене на тема љубов, човештина и лично достоинство. Можам да се пофалам дека засега успевам на мене да ги наметнам моите гледишта и сум сè повеќе убеден во краен успех. Нив би можел да ги изнесам со следниве слики и зборови:

Јас сум љубов во центарот на Универзумот, со многу силни основни бои што се прелеваат една во друга и една врз друга. Забележливо е дека на далечен хоризонт има луѓе кои стојат и ме чекаат мене да им се придружам. Јас правам долг достоинствен чекор кон нив, а небото меѓу мене и нив е речиси покриено со бели облаци.