6. Неколку збора
Не се почнува со зборови зашто ниеден збор не е почеток на говор, туку тоа од памтивека се гласови и нивни знаци, па затоа моиве кажувања ги почнав со блиски и далечни, знајни и незнајни луѓе, а сите безвремени. (За себеси сè уште не знам.) Сакам да кажам дека допрва ќе следат собитија кои вака или онака се поврзани со сржта на човечкото суштествување во свет со свое време и свој простор, меѓу животи и смрти, едновремено создаден и создавачки. Свесен сум дека сега засега сè е некако неповрзано и не е лесно да се разберат во единство сите детали. Дури, прифаќам и тоа да е напросто невозможно. Но, тоа воопшто не ме оптоварува. Ниту ме загрижува, ниту ми наметнува докажување меѓу редови или на маргини. Впрочем, на самиот почеток, со мене и Аристотел, истакнав дека не сум сигурен дека ќе успеам. Дека можеби баш со помош на слики и зборови ќе создадам обемна и сложена структура на таа срж.
Во овој миг сум сосем сам, никој од дамнешното и поблиското минато, никој и од денес, па можам да издвојам неколку збора со чие значење сакам да истакнам некои минати, сегашни и идни состојби и содржини на животот:
–постојаност: неменливост, продолжителност, но и упорност, непоколебливост, стаменост, достоинство;
–автентичен: веродостоен, оригинален, едиствен (значи неповторлив), но и препознатлив, во конкретни ситуации движечки и предизвикувачки;
–идентитет: разликувачко, издвоено својство, особено, бележитости (утврдени, дефинирани, недвојбени и непорекливи белези);
–перцепција: впечаток од стварноста-ситуација, состојба, случување, но и слично со воспримање, толкување и прифаќање во исто време или способност, па и доблест за навремено соочување со непобитно;
–навистина: докажано како вистина-вистинско, стварно (независно од човекот и неговото разбирање); реално, објективно, несомнено, непобитно, беспорно, а упатува и на вистината наспроти или против лагата-жива или гола, здрава, болна, лечебна;
–убавина: добра убавина, привлечност според утврдени знаења и критериуми (естетика, естетичност), првичен или долгорочен пријатен впечаток односно доживување, но и спротивставена на груботијата и грдотијата; многу и секакви убавини, времени и трајни.
Изборов е случаен, а до крајот одвреме-навреме ќе му додавам други.