1. Неменлива слика и Аристотел
Една слика е неизменета уште откога го знам Аристотел, од првата наша средба во меѓувреме на град преполн со луѓе и без жива душа во него. Затоа заклучив дека е неменлива, што значи дека може да биде почеток на сè од нас, за нас и со нас. Во него и зачеток на наш колку стварен, исто толку заумен свет, од наше семе до наш плод, во наш живот и неживот сосе смрт. Кој суштествено се разликува од сите досегашни, на сите досегашни како нас, па следствено заслужува да биде делумно запишан на глинени плочки, делумно на кора од старо дабово дрво, делумно на папирус, делумно на пергамент, делумно на маргини на пожолтени листови од книга обвиена со густа пајажина, а целосно во електронска форма.
На сликата, по долго и внимателно гледање во неа, во десниот долен агол може да се прочита: „Живот одживеан како било“.
Сликата е оваа:
Аристотел е во движење кон далечна светлина, со бавен но стамен чекор. Зад него висока гола планина, со црни и црвени стени, а крај него толпа возрасни мажи, жени, големи и мали деца. Во неа со напор можат да се забележат две сенки. Едната личи на него, другата на мене. Мошне важен детал: доминира белина.
На обајцата не ни е познато кој е творецот на сликата, ниту на зборовите во нејзинииот десен долен агол. Се разбира дека ќе откриеме, но никој не нè брза. Нашето дружење со сè што во него се случи, се случува и ќе се случува штотуку почнуваме да го обзнануваме. За дејствијата сосе последиците од нив не да му користат некому како искуство, на пример, туку да ја нагласат нужноста од разграничување на минливоста и вредностите во траењето на животот и неживотот сосе смрт.
Не го прашувам ништо, иако има многу што да го прашам. Особено за создавањето стварен и заумен свет.
Тој ми вели како само за себе:
-За сè и во сè е најважно каков ќе биде почетокот. Не оти од него зависи продолжението, тоа е можно во извесна мера, туку нужноста од претходни согледби и подготовки налага физичка и ментална сила на која никој со ништо не може да ѝ се спротивстави.
Знае дека само ја одлагам за во друго време расправата на тема почеток.