Мои неменливи заложби

За слободно промислување

Досега сум напишал неколку пати, еве пак:

За мене лично, како поет (книжевник и мислител), Струшки вечери на поезијата (СВП) се завршена приказна!

Јас за нив не постојам или тие не постојат за мене (сеедно) уште од 1972. година.

Имено, веќе 53 години(!) не учествувам на СВП ниту како автор на објавена збирка песни меѓу две манифестации (конкурент за наградата „Браќа Миладиновци“), ниту како гостин.

Едноставно, сите досегашни раководства „заборавиле“-„забораваат“ да ме повикаат-поканат.

1.

Поетската манифестација (фестивал) Струшки вечери на поезијата (СВП) треба да се укине бидејќи е бескорисна!

Прво, таа најмалку придонесува за афирмацијата на современата македонска поезија, а второ-не го потврдува својот меѓународен карактер со тоа што гостуваат неколкумина поети од странство, се доделува „Златен венец“ од анонимно жири (или комисија?) и се објавуваат неколку поетски книги на странски јазици;

2.

Безвредна е и треба да се укине наградата „Браќа Миладиновци“ за „најдобра стихозбирка меѓу две СВП“.

Имено, недозволиво е да се избира односно оценува една како најдобра поетика односно еден како најдобар поетски дискурс меѓу повеќе различни.

Прочитај и за ... >>  Жив

(Во моја дамнешна белешка имам образложено зошто е нонсенс да се доделува така именувана награда за современа поезија. Исто како што е нонсенс наградата „Рациново признание“ за „роман на годината“-затоа што Рацин е основоположник на современата македонска поезија, не на современиот роман.)

3.

Мој предлог:

Македонските поети нека (от)купат некое од запустените македонски села, нека го именуваат како поетско село и нека си организираат поетска колонија во која некој месец во годината ќе живеат, ќе творат и ќе ја продаваат својата поезија. Значи: поетско село „отворено“ за љубителите на поезијата. Слично на постојните ликовни колонии.

ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 102

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.