-По благодарноста некако сама по себе ми се наметна како жива мислата за милостињата,-му рече Теодор Вишен на намерник кој седнал пред влезот на петкатницата на крајот на улицата „Доблесен воин“, во која тој во приземен еднособен стан заживеа за кусо време. Можеше оддалеку да се забележи дека намерникот е скитник премален од деноноќно бесцелно одење по непознати патишта.
Тој го загледа зачудено, па го праша:
-Како тоа?
Вишен седна до него, се загледа во неговото испиено лице, па му одговори:
-Ако сега јас ти дадам некоја милостиња-пари, храна, што-годе, прво значи дека ми е позната, дека сум ја препознал твојата сиромаштија. Ти од мене ќе ја оцениш како добродетел, односно како милосрдие и на некој начин ќе ми изразиш благодарност. А мене таа не ми треба. Само сакам да ти помогнам што поскоро да станеш, да се исправиш на нозе како човек со достоинство. Разбираш?
Намерникот промрморе:
-Се разбира…Разбирам.
Вишен продолжи:
-Инаку, не знам колку ти е познати дека сите религии посветуваат доволно внимание на милостињата, со акцент на давање од срце и со срце. Искрено и нелицемерно.
Намерникот пак промрморе:
-Да…Секако…Знам…
Вишен го изваде паричникот од внатрешниот џеб на неговото сако, изваде од него сноп банкноти и му го даде. Пред да се оддалечи од него, со добродушна насмевка го потупка по рамо и му се насмевна добродушно.
Теодор Вишен помина стотина метри од улицата „Доблесен воин“ слушајќи ги, поточно чувствувајќи ги зад себе чекорите на намерникот. Се сврте да го праша зошто го следи:
-Зошто ме следиш? Не си задоволен од мојата милостиња?…Ти треба нешто?
Намерникот му одговори:
-Човеку, ние се познаваме одамна! Ме чуди како не ме препозна…Јас сум од групата намерници во која беше и ти, која до неодамна деноноќно бесцелно одеше по непознати патишта. Ти нè напушти прекуноќ, изненадно. Долго се прашувавме како ти успеа така, просто да исчезнеш, да те снема. Подоцна разбравме дека незабележливо ни се доближил некој непознат и те избрал тебе да те избави од нашата заедничка сиромаштија.
Вишен решително:
-Си се препознал, човеку! Јас никогаш не сум бил ни намерник…Јас избран од некојси непознат кој ме избавил од сиромаштија?…Тоа е смешно!…Не сум бил, ниту сум којзнае колку богат, но не и намерник, скитник, сиромав…
Намерникот загледан во него со продорен поглед:
-Не, не. Сигурно не грешам…Добро, нека е дека сум се препознал…Снопов банкноти…Благодарен сум…Сепак ти ги враќам. Не оти се многу, за мене се, но милостиња не примам…Јас сум намерник, не просјак.
Теодор Вишен:
-Чекај…чекај малку…Очигледно, не се разбираме…Прости, но ти не ја разбираш милостињата…Не сум ни помислил дека си чекал пред влезот на зградата во која живеам…Знам дека тој што чека милостиња го изгубил достоинството и предизвикува сожалување, се изложува на понижување…
Не гледајќи го намерникот, тој од кожената чанта ја извади тетратката А4 со тврда корица, па вртејќи неколку страници:
-Ова е мое сè уште недопишано дело. Има работен наслов „Жива мисла“. Во него пишувам свои мисли и ставови за суштествени нешта во животот…Дозволи да ти прочитам што сум испишал за милостињата.
Намерникот како да ги начули ушите. Вишен прочита:
Треба да бидеш многу внимателен кога даваш милостиња. Таа може да те понижи тебе многу повеќе одошто примателот.
Спрема слабите биди милосрден, а на пропаднатите помогни им сами да се кренат и да се исправат на свои нозе.
На несреќниот не му треба милостиња. Му треба помош за да најде среќа.
Најважно за секоја милостиња: таа не смее да биде дел од имашност или личен одвишок. Лесно се препознава како таква.
Чини милостиња од срце. Невидливо, неретко и тајно.
Милосрдието да биде совреме спрема живи. Спрема мртви е секогаш задоцнето.
Просјакот не разликува милостиња од испросено.
Внимавај на личното достоинство кога даваш милостиња. И на твоето и на оној што ја прима.
Милостињата не е за избавување од сиромаштија. Таа е за да го поттикне сиромавиот да се бори против неа.
Нема мала и голема милостиња. За благодарност е каква било.
Ни се чуло ни се разбрало сиромав да му даде милостиња на богат. Ни сиромав на сиромав ни богат на богат.
Милосрден меѓу немилосрдни како јагне меѓу волци.
Во сеопшта беда добар и утешителен збор е единствена милостиња.
Намерникот ислуша како да не слуша, па му го врати снопот банкноти на Теодор Вишен коментирајќи по малку зајадливо:
-Интересно…Интересно…Нешто и мудро…Јас не примам милостиња од никого, а поготово не од некој што можеби бил или можеби не бил со мене сктиник намерник.
ЖИВА МИСЛА ИЛИ СИТЕ УМИРААТ, ОСВЕН ЈАС, мислечко-поетичен роман 49



