МЕНЛИВИ И НЕМИНЛИВИ ДРЕБНАВОСТИ, раскази/ескизи

Потребно време за читање: 2 минути

43. Читател

Јавор Красен не беше како многумина други читатели што читаат одвреме-навреме и го читаат само она што се однесува или е блиско на нивната животна односно професионална определба. Ниту еден од многутемина кои секидневно го богатат своето општо знаење како дел од личната култура и наобразба, читајќи енциклопедиски одредници и пребарувајќи на Интернет. Јавор Красен беше ревносен читател исклучиво на белетристика. Ревносен? Можеби е поточно да се каже посветен.

Читаше прозни, поетски, драмски и сатирични дела од домашни и странски автори. Современи, модерни, од дамнина, од блиско минато. Како секој друг посветен читател, и тој читаше внимателно од прва до последна реченица, од прв до последен стих, од прв до последен чин. Од почетна голема буква до последна точка. Не треба да се наспомнува дека додека читаше едно дело друго не земаше в раце. Што значи дека читаше со целосна концентрација. Да, и со истакнување, подвлекување, извлекување на она што му беше особено интересно, значајно или умно.

Нешто што е поврзано токму со истакнувањето, подвлекувањето и извлекувањето: најмногу го привлекуваа збирки на афоризми, сентенции, согледувања, промислувања, ставови и народни изреки. Некоја од нив му беше секогаш при рака, а на социјалните мрежи најчесто постираше од нив.

Јавор Красен беше еден од ретките читатели што во негово време имаа своја богата домашна библиотека, со повеќе од четири илјади книги. Сѐ оригинална и преводна белетристика. Во последните години од животот прилично го намали купувањето, а сѐ повеќе се ориентира на електронското издаваштво. Беше во постојан контакт со специјализирани сајтови на електронски издавачи.

Имаше еден дециден став што го користеше во секоја пригода, се разбира секогаш кога расправаше со некого за создавањето книжевни дела:

„Создавањето е сублимат на искуство, знаење, мисла, мудрост, концентрација и самодисциплина. Прозаистот, поетот, сатиричарот и кој било друг како нив создаваат секидневно, некој повеќе, а некој помалку, и притоа не ни помислуваат дали нешто вреди или не, што вреди, а што не“.

Користеше и една своја крилатица која и денес ја паметат многумина:

„Сомневањето на писателот е оган што ту тлее, ту се разгорува во срцето на читателот“.

Јавор Красен почина пред точно дванаесет ипол години. На неговата надгробна плоча пишува: „Овој човек читаше со страст“.

Leave the first comment