МЕНЛИВИ И НЕМИНЛИВИ ДРЕБНАВОСТИ, раскази/ескизи

Потребно време за читање: < 1 минута

26. Тивок разговор

На смртна постела младолик човек на умирање. Вкочанет, со испакнато чело, несразмерно голем нос, испукани усни, бенка на левиот образ. Дише рамномерно и шумно. Крај постелата две жени во црнина, со испиени лица. Едната лична, црноока, на негови години, а другата стара, со набрчкано лице. Обете не се ни обидуваат да ги запрат солзите. Во затемнетата соба нема никој друг, па е очигледно дека разговараат тивко за да не го вознемират човекот.

Личната црноока:

-Бато мој, како ли, кога ли те собра неизлечивава болештина? Какво мачење…цели четири ипол години…пет операции…Да доживееш ваква судбина…

Старата со набрчкано лице:

-Зошто мене не ме собра наместо тебе?…Синко мој, живот не виде со онаа…ни мајка ни жена…Толку години со неа, а ја знаеше каква е и што е. Дека не ја бидува за ништо…Не ме слушаше, како да те ослепи, те замаја…Знам дека сѐ ти беше јасно, ама мислеше, се надеваше дека ќе се смени, ќе ви тргне на подобро…

Личната црноока:

-Мамо, остави ја неа…Не вреди…Да, предоцна ја остави, ама не ги преболе децата…Бато мој, заминуваш со маки безмерни, а колку ли уште години пред тебе…Знам дека сега ја молиш Смртта конечно да те земе, да те ослободи…Конечно ќе те земе…Уште малку…И конечно ние без тебе.

Стара со набрчкано лице:

-Веќе два дена никако да испушти душа…Знам дека нѐ слушаш, синко, и знам зошто веќе не ги отвораш очите…Сега само едно сакам. Да се смириш конечно…Замини во овој миг…Оф, мајка ти и сестра ти го посакуваат тоа…

Младоликиот човек на смртната постела наеднаш престана да дише. Лицето му стана бескрвно, бело и спокојно. На усните имаше одвај забележлива насмевка.

(Автор на сликата: Егон Шиле, Австрија)

Leave the first comment