Потребно време за читање: 4 минути

45.

На Ристо од Петар тешко му успева да го задржи во себе, да не го покаже разочарувањето на своето лице, во очите и телото. Лицето му е потемнето, очите празни, а телото одвај го држи исправено. Се врти на сите страни, како да не знае кон каде да се упати, како да нема ни сила ни волја за нов чекор. Зошто разочаран?! Сам е, нема кому да му раскаже што му е на ум. А сака на оној што сака да го слуша да му раскаже што се случуваше досега, што се случува сега и што ќе се случи утре со него и неговото семејно стебло и семето родствено.

Да, сосем е свесен што се случуваше досега со него мртов како жив, како човек и творец, и што се случува со неговите сакани и блиски живи и мртви; а доста знае, повеќе наслутува, најмногу претчувствува што ќе се случи на и по отворањето на неговата изложба со невидливи слики. Тие се веќе наредени во галеријата „Лично и единствено“ во Страдец. Сè е подготвено за свеченоста. Најавени се многу видни луѓе на Страдец и присуство на многубројни љубители на сликарската уметност. Сигурно ќе бидат присутни и многубројни љубопитници. Сите веќе подготвени за нешто досега невидено; најнапред прашувајќи се дали се можни невидливи слики и какви сè можат да бидат тие.

А зошто е сам? Зошто нема кому да му раскаже што му е на ум? Да не зашто сака да биде по напорното, напати исцрпувачко сликање на своите дела во последниве неколку дена; конкретно последни корекции на дванаесетте и завршните елементи односно моменти на најголемата, стожерната-обновеното платно со насликана непорочна љубов? Како уште мртов како жив?

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Го преокупира мислата дека нерасположението, конкретно разочарувањето му иде од неговото од него како уметник сè  уште неприкажано семејно стебло, со неговите предци и роднини; како неизбришлив доказ на живот од искони до денес. Да го насликаше и да го изложеше на изложбата? Како единствено виддливо?! Интересна идеја! Ама веќе нема време за тоа. Сепак да се обиде? Можеби со некаква конкретизација на вредноста на заедништвото, на заедничкиот живот спротивен на индивидуалната смрт. Да, тој лично, Ристо од Петар, многупати јавно како видна личност, творец, уметник го истакнувал значењето на единството, сопатништвото. Особено на споделувањето кога е збор за колективниот опстанок на еден народ, кога треба да се брани постоењето со предимство на продолжението пред почетокот. Ќе се обиде во периодот по изложбата, доколку не престане да слика.

Го побара Ангел од Михаил. Го најде на палубата на неговата гробница-кораб, со кормило в раце. Тоа му се виде чудно и по малку смешно. Дојде до него и го праша што правиш. Тој му одговори дека ја проверува гробницата-брод пред да отплови. Кормилото му е последно за проверка. Ристо од Петар не можеше да го прикрие изненадувањето:

-Ќе отпловиш?! Каде, човеку?!

Ангел од Михаил:

-Како каде? Па низ живите и мртвите пространства на мојот, на семејниот свет како дел од светот на народот на кој му припаѓам. Зошто се чудиш?…Не сум ти раскажувал дека тоа го правам често откако умрев и влегов во моево вечно почивалиште?…Не?…В ред, можеби сум одлагал во меѓувреме, додека твојот Јане и неговата Борјана не ја завршат твојата и семeјната гробница-брод, па да почнеме да пловиме заедно…

На Ристо од Петар Ангел од Михаил му се виде дека се бие шега со него. Реши разговорот да го насочи кон својата цел-дисконтинуитетот на постоењето и постојаноста.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Му рече со по малку строг глас:

-По оној наш разговор ме замисли во врска со моето семејно стебло. Тогаш ти реков дека ме поттикна и сум решен да се зафатам со негово истражување. Знаејќи однапред дека тоа ќе биде долготрајно и макотрпно. Особено зашто го врзувам со откривање на моите корени во мојава земја…Тргнувам од твојата претпоставка дека во пожарот што до темел го изгорел Молненик биле задушени последните Земјенци во него, на кои според него им припаѓаш ти. Кои ги погребале Рабенци и потоа почнале живот во Страдец.

Му раскажа дека го разочарал дедо му Јоаким од Атанас. Мислел дека тој знае и памети доволно од времето на своето никнување, растење, извишување, созревање и осамостојување. Многу не му помогнал. Само му раскажал за мачната живеачка во младоста и староста, а смртта му дошла како конечно ослободување од неа. Не знае и многу не памети ни баба му Раска од Гордан. Таа, пак, му раскажала со смеа дека како млада била многу убава, а Јоаким грд, па баш се нашле и брзо се засакале. Целиот живот го минале заедно, без да се разделат ден или ноќ. За Славе не знае ништо. Првпат од него слушнала дека татко му Петар не е од Јоаким, туку од некој си Славе. Прво се замислила, па прилично луто ми одговорила: „Знаеш ли ти што ми кажуваш?!… Срам да ти е! Петар да е од некој си Славе?!…Нездрав ум!“

Ангел од Михаил го потсети дека татко ми се викал Спиридон од Александар и со него се прекинува семејната врска. Тој успеал да ја надмине, пак да ја поврати како Ангел од Михаил.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Ристо од Петар изненаден:

-Значи исто како јас, Ристо од Петар.

Ангел од Михаил:

-Затоа ли си нерасположен, разочаран?

Ристо од Петар:

-Значи забележа.

Ангел од Михаил:

-Лесно забележливо. И? Зошто дојде?

Му одговори дека го насетува неминовното: му се ближи времето кога веќе не ќе може да биде мртов како жив кога ќе умре за да биде само мртов. Всушност му е почнато. А дошол да се договорат кога ќе појдат пак на возвишението на северната страна, како меѓа меѓу Молненик и Страдец; за кое се претпоставува дека во дамнина токму на него биле гробиштата на Молненичани додека заедно живееле и умирале. Не му е многу верно ни инспиративно старото предание за нивното напуштање, запустување и конечно збришување откако по цел век не останал ни камен на камен од гробот на последниот Изгревец, некојси Трипун од Злате. Освен дека тоа се случило откако тој умрел мртов. Но, тоа не му е доволно за да почне да го истражува и можеби наспоредно да го слика своето семејно стебло видливо.

Ангел од Михаил:

-Мислам дека таму ќе најдеме знаци, можеби и писмо за наше заедничко постоење. Убеден сум дека мајка ти Славјанка од Владимир знае за нашето родбинство. Но добро, нека остане како претпоставка за тоа нејзината исконска желба твојот и семеен гроб да се направи гробница-кораб…Мислам дека скоро ќе пловиме заедно барем одвреме-навреме.

Му предложи:

-Да го одложиме истражувањето на возвишението за по одржувањето на твојата изложба.

Ристо од Петар се согласи.  Го остави со кормилото в раце.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here