МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Потребно време за читање: 4 минути

43.

Ова е многу важно, ако не најважно:

Една непорочна љубов на секој човек во животот, по смртта и во неа? Не повеќе? Не знам за други живи, мртви и живи како мртви, ама за мене е една и неповторлива лична на секого без исклучок и една на сите. Поради многу нешта, а најнапред затоа што обете се единствени неугасливи. Сите други се угасливи? Секако! Можат долго, та предолго да се случуваат или да траат наспоредно со нив, но угаснуваат совреме, по време, може и во решавачки момент на личен опстанок и заеднички. Според мене и ова е еднакво важно: кај секого и во секого личната непорочна љубов е различна, а едната за сите е незаменлива зашто е исконска. Обете не се ни слични една на друга, а камо ли исти.

Знам дека следи прашањето: не гаснат тие и по смртта како исчезнување, кога ќе престане живот и меѓу молк и тишина и меѓу паметење и заборав? Мој одговор што никој не мора да го прифати, а јас не мислам да го образложувам и аргументирам: не гаснат зашто не исчезнуваат заедно со смртта.

Што се однесува на едната непорочна љубов за сите, сега само ќе кажам дека е тоа татковината Сончева земја од Древномакедонецот Хомер викана Ематија, а во моето приклучение станува збор за просторот  викан Молненик на кој во дамнина живееле сложно, заедно со нивните предци и потомци Земјенци, Изгревци и Рабенци. И ова да се знае: Македонија е посведочена на артефакт пронајден во македонскиот археолошки локалитет што се наоѓа во село Градешница, а датира од 5.862. година пред нашата ера. Многу друго од мене другпат. Треба секогаш да се има на ум и мојата и семејна гробницата-кораб што ја привршуваат со градба син ми Јане и снаата Борјана.

Јас, Ристо од Петар, сега откривам дека како мртов и мртов како жив пронајдов нераскинлива врска на пожарот на мојата и куќата на Вера од Јане со дамнешниот пожар во Молненик! Која е таа врска? Мојата лична и непорочната љубов една на сите!

Имено, Молненик е збришан во пожар, изгорела и непорочната љубов една на сите, но останала неугасена; продолжила да ги одржува Молненичани-Земјенци, Изгревци и Рабенци во живот заедно со нивните предци и потомци. Во пожарот, пак, што ја опожари мојата и куќата на Вера од Јане, изгоре, но остана неугасена мојата лична непорочна љубов, насликана на моето, се осмелувам да тврдам најголемо, најважно и највредно дело.

Кога е збор за мојата, личната непорочна љубов, нејзината различност од другите е затоа што е директно поврзана со моето животно, главно, стожерно приклучение. Кое, како што веќе поткажав, ќе се случи, поточно ќе се дослучи на претстојната изложба на мои невидливи слики. Ако некого не го држи паметењето кога е нешто за мене или поврзано со мене, да го потсетам:

Почетокот на моето приклучение е поврзано со Вера од Јане, директно и индиректно, посредно и непосредно, а станува збор за љубов и заедништво кои кулминираат во ненадејна точка на која се вкрстуваат стварниот и заумниот свет. Таа ненадејна точка би можел да ја опишам како две љубови сплотени, во една која почнува да живее независно од животот, ослободена од него и неговата мниливост. Во меѓувреме се случи пожарот од удар на гром, а во кој изгореа многу мои слики во маслена техника, меѓу нив и последната што ја насликав на еден час пред мојата смрт-големата за непорочната љубов.

Да, Јасна ми го сврте вниманието на Вера од Јане кога бев уште жив и не на смртна постела. Да, беше мошне убава, стројна и стамена девојка, во средни години, немажена и без рожба. Ја сака и ја почитува уметноста, има темелни познавања за неа, особено за сликарството. Пишува поезија преполна со метафори како насликани мигови на црно-бело платно. Ми беше убава додека бев жив, ми е исто убава и сега. Признав и признавам дека ми е една од најубавите.

Не ја изедначувам со Јасна од Спасе? Станува збор за траењето на убавината на постоењето без какви било ограничувања и оградувања, заедно со стремежот кон апсолутната слобода. Јасна е пред умирање, здравјето ѝ е прилично нарушено, но досега не дозволи и сега не дозволува смртта да ја угасне нашата љубов: во секое нејзино вајарско дело сме јас и таа, какви што бевме.

Непорочна љубов со Вера од Јане? Не! Затоа што не е, се нафатив да ја насликам одново, сега како невидлива. Со Јасна од Спасе? Не! Значи, артистката е мојата таена љубов? Токму таа!

Ѝ раскажав за возвишението на северната страна, како меѓа меѓу Молненик и Страдец, за кое се претпоставува дека во дамнина токму на него биле гробиштата на Молненичани додека заедно живееле и умирале. Ѝ го раскажав старото предание кое вели дека тие гробишта биле напуштени, запустени, па збришани откако по цел век не останал ни камен на камен од гробот на последниот Изгревец, некојси Трипун од Злате, и тоа откако умрел мртов. Ѝ кажав и дека му се придружив на Ангел од Михаил во натамошното откривање траги.

Ме праша за мојот став во врска со смртта како крај. Ѝ одговорив, ѝ го повторив дека смртта не е крај ни за живите ни за мртвите сè додека има смисла животот како траење со и во беспоговорно дело.

Ми побара дообјаснување за мојата смрт, нејзиниот живот и нашата љубов. Ѝ дообјаснив дека нашата непорочна љубов е таа што ни помага да бидеме заедно и живи и мртви и да има смисла тоа како траење со и во беспоговорно дело. Но, и дека непорочната љубов една на сите, со која сме и ќе останеме сè додека имаме наше време, ќе има смисла како траење откако фактички и симболично ќе запловиме кон нови постранства и нови времиња во нашата скорашна гробница-кораб…

Ме праша дали мојата насликана непорочна љубов на платно шест метри долго и четири метри широко е нејзина обнова како невидлива? Ѝ потврдив. Ме допраша надежно дали тоа била и ќе биде нашата љубов? Ѝ потврдив жизнерадосно.

Со нескриена радост кажувам дека речиси го завршив моето најголемо, најважно, највредно и беспоговорно дело. Ми преостанува само да направам некои мали и неважни корекции. Ми успеа намислата? Мислам да! Повеќе од сигурен сум дека секој што ќе го гледа не со живи очи, туку со чувства, најпрвин со чувството на допир, како сите други невидливи слики на мојата изложба што ќе биде отворена задутре, ќе ја согледа мојата лична непорочна љубов како светлина, како сончевина, како животворна енергија. Сигурен сум и дека меѓу молкот и тишината и паметењето и заборавот ќе го догледа испловувањето на мојата и семејната гробница-кораб од Сончевата земја викана Ематија, непорочната љубов една на сите ближни и далечни.

Leave the first comment