36.
Ристо од Петар си признава на себеси дека сè почестите среќавања со Ангел од Михаил му се сè поинтересни и сè поинспиративни; поинтересни со неговите знаења за своите, неговите и корените на други староседелци на Молненик; поинспиративни за промислување на преселувањето и раселувањето на живите и мртвите. Си признава на себеси дека тие му се сè попријатни и попосакувани. Особено по почнувањето на проширувањето на неговиот и семеен гроб, односно правењето, градењето гробница во форма на кораб што пред неколку недели го започнаа синот Јане и снаата Борјана; исполнување на желбата на мајка му Славјанка. Корабна, идентична со на богатиот староседелец со заледена насмевка.
Од него за симболиката, особено значењето на гробницата како кораб:
Живиот човек се преселува, се иселува и ретко се враќа во местото, градот, државата од која заминал. Мртвиот, пак, секогаш се враќа или го враќаат на домашното огниште, на родната грутка. Мртвиот човек и мртов како жив го напушта одвреме-навреме домашното огниште, а никогаш не го заменува со друго, со туѓо. Се враќа сам, а ако го начека, пречека, ако го претрча смртта остава завештание да го вратат потомците и да го погребаат, да го упокојат во свој гроб или во своја семејна гробница. Тоа е исто како со корените: никогаш и никаде не пуштаат жили во туѓа земја без корени што ќе ги придружуваат и помагаат во вкоренувањето; зашто тогаш бавно или брзо би пресушувале. Гробницата како кораб го симболизира едновремено преселувањето, иселувањето, патувањето, пловењето и враќањето на духот човеков. А значењето е дека и како мртов човекот е жив секогаш кога ќе посака заедно со своите блиски и далечни предци да „заплови“ низ небеските и земните пространства, од своето минато во сегашно време. Значи, ни тој како мртов, како сè на планетата Земја, не е вечно жив, а гробот или гробницата негова и на неговото семејство не е вечно живеалиште. Мртвиот пак умира?! Да, пак заживува и пак умира меѓу молк и тишина или меѓу паметење и заборав.
Сè почестите среќавања на Ристо од Петар со Ангел од Михаил молчаливецот почнуваат во ниедно доба на ноќта, а завршуваат на почетокот на раѓањето на денот. Тоа просто го наметна Ангел со образложение дека ја нема „дарбата“ на Ристо и како мртов да биде жив меѓу живи кога ќе почувствува каква било, и најмала потреба. Се среќаваат сè поретко на самоти граница меѓу древната населба и Страдец, а сè почесто крај гробот на Ристо откако Јане и Борјана почнаа да ја прават, да ја градат гробницата во форма на кораб. И сега.
Ристо од Петар:
-Нешто не разбирам, Ангеле. Се викаш Ангел од Михаил, а велиш дека татко ти се викал Спиридон од Александар. Си бил осмо дете негово и на Цветина од Вител.
Ангел од Михаил:
-Ти или не си ме слушал внимателно или не си ме дослушал…Тие како годиначе ме оставиле кај некои твои предци, Земјенци, и со четирите браќа и трите сестри се раселиле низ светот. Мајка ми и татко ми заживеале во некоја пустелија, а ветер низ неа ги растурил нивните коски. Досега успеав да го откријам само името на мажот кој ме прибрал со жената си во својот дом, твои предци, и ме одгледале заедно со својата челад. Се викал Михаил. Според тоа, јас не можам да бидам од друг освен од него…Нејсе. Мислам дека треба повеќе да се интересираш и да ми се придружиш во откривањето на трагите на твоите Земјенци во Молненик.
Ристо од Петар:
-А Изгревци и Рабенци?
Ангел од Михаил:
-Веќе ти кажав дека јас потекнувам од Изгревци, а археолозите потврдиле дека Молненик изгорел до темел во голем пожар среде жешко лето. Останале Рабенци кои одново почнале живот во Страдец. Што значи дека се тие негови основачи. Не си чул дека на западната страна на Молненик се откриени неколку гробови еден до друг, со коски на погребани млади и стари? Бидејќи сите досега откриени траги потекнуваат од времето многу блиско до пожарот, може да се претпостави дека се тие последните Земјенци задушени, а неизгорени во огнот. Кои биле погребани од Рабенци.
Ристо од Петар:
-Првпат слушам.
Ангел од Михаил:
-И не можеш да претпоставиш дека желбата на мајка ти Славјанка гробов да се направи гробница во форма на кораб е исконска?
Ристо од Петар:
-Па, по ова твое кажување…
Ангел од Михаил:
-Не мое! Научно докажано, со откриени траги и реални претпоставки.
Ристо од Петар:
-Добро…Чудна е таа исконска поврзаност со личното и семејното минато. Толку силна што во блиска или далечна иднина станува судбинска и обновлива.
Ангел од Михаил:
-Чудна е за откорнатици и изроди. Не за оние што ја знаат вредноста на заедништвото, на заедничкиот живот, на единството, сопатништвото, на споделувањето…И кога е збор за опстанокот, кога треба да се брани постоењето и кога е поважно продолжението од почетокот.
Почна раѓањето на денот. Се поздравија и заминаа во своите гробни живеалишта.