Потребно време за читање: 3 минути

29.

Како што нема ништо случајно во колективниот живот, а ненадејностите се случуваат или поради неподготвеност или од немање смисла и моќ за предвидливост, исто така во светот на мртвите сè се одвива според некој затврден ред, сеедно логичен или нелогичен. Притоа, нелогичниот е повеќе за индивидуалната егзистенција во минатото одошто за во сегашноста. Следствено, никој не е изненаден, туку сите ја споделуваат желбата на мајка ми Славјанка од Владимир син ми Јане и снаата Борјана да го прошират мојот и семејниот гроб, да го направат гробница во форма на кораб. Никој ни од нејзината желба, веќе може да се нарече и инсистирање да биде корабен, може дури идентичен со оној на богатиот староседелец со заледена насмевка. Ја откривме и ја разбравме симболиката, особено значењето. И тоа токму од него!

Веќе ја изделив гробницата на Градските гробишта, прилично далеку, речиси на нивниот раб; кај што завршуваат ѕидиштата и урнатините на древната населба, а почнува велеградот Страдец. Да повторам, таа е сета покриена со црн мрамор, а во неа е погребан староседелецот според заветот што им го оставил на ближни. Го вратиле мртов од земја преку океан. Ветив дека ќе раскажам одделно за него кога ќе дојде на ред во моето приклучение. Еве, баш сега дојде.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Го знам човекот, а може да е поточно дека не го знам. Се имаме сретнато два-три пати. Сме си кажале по два-три збора, што секако не е доволно. Го научив како молчаливец, а тој ми откри само зошто потомците на кои им го оставил сето богатство ги завештал да го погребаат токму овде, на самоти граница меѓу древната населба и Страдец.

Ме праша при едно стоење на границата:

-Што знаеш ти, Ристо од Петар, за древнава населба и Страдец?

Јас му одговорив:

-Па, не знам многу. Всушност, само дека голем дел од населбата археолозите открија седумнасет години пред да умрам и нема никакво сомнение дека староседелците во Страдец претходно живееле во неа. Сè уште е претпоставка дека биле неколку семејства кои ја напуштиле за кусо време поради некој ненадеен настан, најверојатно голем пожар среде жешко лето.

Тој:

-И никој од твоите предци не му пренел никому од твоите ближни во твојот гроб нешто повеќе за неа? Ти никогаш не си се прашал што се случило со ближните на дедо ти Јоаким од Атанас?…Зошто во него нема никој од неговите ближни. Имале друг гроб? Каде?…Или во нивно време упокоените не биле погребувани во земја зашто тогаш не важело сегашното при упокојување-дека сме земја и пак во земја одиме? Можеби биле изгорувани како сегашното сè почесто кремирање, пеплосување?

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Јас, Ристо од Петар:

-Некогаш помислувам дека се иселиле, се раселиле низ светот. Неколкупати го прашав дедо ми, но тој не знае или не сака да ми каже.

Богатиот староседелец, молчаливец:

-Сигурно знае, ама не сака да ти каже! Неговите предци се раселени низ светот, а тој останал зашто не сакал.

Јас:

-Ти знаеш?

Молчаливецот:

-Знам. Знаеш како се викала древнава населба? Се викала Молненик. И во неа живееле три многудетни семејства: Изгревци, Земјенци и Рабенци. Дедо ти и неговите ближни, твоите прадедо и прабаба, чукундедо и чукунбаба и други пред нив, твои предци, припаѓаат на Земјенци. Јас потекнувам од Изгревци…Точна е претпоставката на археолозите дека Молненик изгорел до темел во голем пожар среде жешко лето. Овде останале само Рабенци. Тие одново почнале живот во Страдец. Значи се негови основачи.

Јас, Ристо:

-Значи, затоа ти си ги завештал своите потомци да те упокојат баш овде.

Тој рамнодушно:

-Меѓу другото.

Јас зачуден:

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

-Има друго?!

Тој ме загледа, па продолжи:

-Не се прашуваш кој сум јас и чиј сум?

Јас се сепнувам, го загледувам и го прашувам:

-Кој си ти? Чиј си? На црната мраморна плоча на твојата гробница пишува чудно: „Овде почива староседелец“.

Тој зарадувано:

-Така сакав јас. Тоа ми е најважно. Дека сум…Јас сум Ангел од Михаил. Татко ми се викал Спиридон од Александар, а мајка ми Цветина од Вител. Јас сум нивно осмо дете. Уште како годиначе ме оставиле кај некои Земјенци, твои предци, и со четирите браќа и трите сестри се раселиле низ светот. Успеав само да дознам дека мајка ми и татко ми заживеале во некоја пустелија, а ветер низ неа ги растурил нивните коски.

Јас крајно изненаден:

-Тоа значи дека ние може да сме…

Ме прекина во збор:

-Да, блиски сме. Може не роднини, ама многу веројатно блиски. Мислам дека скоро ќе го откријам тоа.

Го завршивме разговорот. Пред да се поздравивме, на лицето ја врати заледената насмевка.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here