МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Потребно време за читање: 3 минути

18.

Иако е дамна мртов, Ристо од Петар како бележит сликар со голема творечка енергија не е заборавен од живи. Едно затоа што остави во своето време и за денес значајни, според некои големи дела, а од сè друго најмногу дека со своето лично искуство ја докажува смртта како жива давајќи ѝ смисла, содржина и форма. Тоа значи постојано присуство во животот кој неминовно умира забавено или забрзано. За ова тој самиот говореше на почетокот.

Од неговите приклученија најголемо и најдолго е секако необичната љубов и заедничката животна врвица со неговата животна сопатничка Јасна од Спасе. Меѓутоа, токму докажувајќи со неа дека смртта е жива додека живите ѝ даваат смисла, содржина и форма, тој сега си признава на себеси дека татко му Петар од Славе има право кога го прекоруваше (веќе не) зошто предвреме ѝ се предал на смртта, можел да поживее уште некоја година. И сè уште го прашува, а тој одбегнува да одговори зошто живееше непотребно толку стресно.

-Синко мој-му вели,-не се обидувај да ми спориш со секакви небулози дека не си ѝ се предал на смртта предвреме. Сигурен сум дека и самиот знаеш оти можеше да поживееш уште некоја година. И престани да одбегнуваш да ми одговориш зошто живееше непотребно толку стресно.

Ристо од Петар му одговара:

-Татко мој, не знам уште како и со што да ти докажам дека не ѝ се предадов на смртта предвреме. Таа долго ме следеше на секој чекор, во секој здив и само чекаше да премалам, да легнам на мојата смртна постела. Тоа лесно може да се согледа на некои од моите последни слики, особено на платното што го нареков „Гаснење на здив“, а го поседува, го купи на аукција по многу висока цена познатиот колекционер Стефан од Александар. Можев да поживеам уште некоја година? Што знам, можеби можев, ама ќе беше ли тоа живот на смртна постела? Ќе се согласиш со мене дека ќе беше само измачување. Мое, твое, на мојата Јасна од Спасе и на сите други ближни и пријатели. Тоа е недозволиво.

Ристо од Петар го гледа татка си продорно со своите небесни очи без зеници, молчи некое време како да се двоуми дали да продолжи, па продолжува:

-Добро, еве конечно да ти одговорам зошто живеев непотребно толку стресно. Јас, татко мој, не можев да живеам поинаку. И обични не можат, мислам на оние што живеат, работат и дејствуваат не истакнувајќи се, не изделувајќи се од средината со нешто особено, а камо ли јас како творец, уметник, сликар. Просто, таков живот ми наметнуваше мојата творечка енергија. Не ме оставаше, ниту ме остава на мира дење-ноќе. Не знам дали и колку ја разбираш, но јас можам само да ти докажам дека таа ги збира во еден момент, во еден мој потег со четкичка и боја или со повеќе бои, па наеднаш просто експлодираат во мене и мигум согоруваат надвор од мене.

Мојата животна сопатничка, Јасна од Спасе, живее сама, а ѝ дава смисла на мојата смрт нашата неугаслива љубов сосе минатото. Без наша рожба, но со дела во кои се вградивме заедно; јас како сликар, а таа како вајар. Токму тие се содржината на мојата смрт што живее и на нејзиниот живот што умира; спокојство над немир и возбуда, меѓу промените на времето и годините кои не нè засегаат, ниту дозволуваме да влијаат на нас како било.

Петар од Славе молчи, го гледа прекорно и сомничаво. Пак не му ги прифаќа одговорите, особено за стресот, но веќе не беше расположен да го продолжи разговорот.

На последната средба со Јасна од Спасе, пред три ипол недели, која неодамна заживеа во далечното, мало и за многумина непознато гратче Плет, Ристо од Петар ја потсети на нивниот договор.

-Моја дамнешна животна сопатничке, искрено ме радува што и твојата болка предизвикана од мојата смрт, како во секого, не само ја поднесуваш полесно, туку лека-полека и ја надминуваш. Не само затоа што минаа повеќе од девет години. А што стана со нашиот договор? Сретна ли некого со кого почна нов живот?

Го изненади нејзиниот одговор:

-Ристо мој, ќе те разочарам. Не само што не сум сретнала, туку и не сакам, не ни помислувам да сретнам. Знаеш зошто? Затоа што нашата љубов ни твојата смрт не успеа да ја угасне до ден-денеска, по толку години. Јас не дозволувам.

Ристо од Петар:

-Како?! Нели се договоривме…

Јасна од Спасе го пресекува во збор:

-Да, се договоривме, ама договорот не важи. Јас решив! Ќе бидам што подалеку од тебе, најдов мир и самост во гратчево Плет и по тебе никој друг не ми треба. Доволно ми е што во секое мое вајарско дело сме јас и ти, какви што бевме. Опкружена сум со нив, нерадо морам да оттуѓам, да продадам понекое за да живеам, и сум многу задоволна. Здравјето ми е прилично нарушено, па нема да чекаш уште долго да ја продолжиме љубовта мртви. Со мене си, нели?

Leave the first comment