МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Потребно време за читање: 7 минути

13.

Пред некој ден се замешав како мртов меѓу живи луѓе. Намерата ми беше да ги видам, слушнам, разберам, па и да ги почувствувам промените во, но и меѓу нив кои секако се случуваат катаден. Нормално, тоа не се случува ни во нас ни меѓу нас мртвите. Се случува само какво-такво прилагодување на промените на годишните доба. Зошто ми беше таа намера? Просто затоа што луѓе катаден се раѓаат и умираат, а во последно време забележувам дека е сè помал бројот на умрени како мене-да се живи како мртви и мртви како живи секогаш кога ќе посакаат, како помеѓу молк и тишина.

На една крстосница во центарот на Страдец ме запре еден средовечен господин, кого го имав запознато и запомнато уште кога бев жив како Теофил од Андреј. Ме загледа од глава до петици, па едновремено изненадено и радосно почна речиси да вика:

-Леле, кого гледам!…Ти ли си Јанко од Страте?! Ма ти си!…Не можам да поверувам!…Жив ли си, човеку?! Ама чекај, не е можно да си жив!…Па не сум те видел ехееј, ќе да има два века!

Прво помислив да му одречам, дека се препознал, јас не сум Јанко од Страте, туку Ристо од Петар, но се откажав оти видов дека е толку одувешен што може ќе му успее да ме убеди дека сум. Прифатив.

-Да, тој сум. Јанко од Страте. А ти си Теофил од Андреј, нели?

Тој:

-Браво! Значи, и по цели два века не си ме заборавил. Значи сум ти значел…Па каде беше во меѓувреме? Јас бев сигурен дека си умрел во меѓувреме. Особено зашто беше постар од мене цели дваесет и четири години, а јас сега имам седумдесет и две… Ми изгледаш помлад од мене, човеку!…Како е можно? Да си мртов, не си! Мртов не би можел да си меѓу живите и да те сретнам јас жив како жив.

Успеав да му подречам меѓу два негови здива:

-Па мртов сум. А како жив решив да се замешам меѓу жививе луѓе за да…

Ме пресече:

-А бе ај не се мајтапи со мене! Како тоа мртов како жив меѓу нас живите?! Тоа е невозможно!

Воздржано и смирено му одреков:

-Возможно е. Зошто да не е? Што би рекол ако ти речам дека веднаш по нашава средба ти ќе умреш, ќе се преселиш во нашиот мртов свет зашто си подолго време болен од една подмолна болест која не предизвикува никаква болка?

Теофил од Андреј:

-Добро, ти го прифаќам мајтапот. Значи, јас и ти се сретнавме за да ми кажеш дека ќе умрам. Добро.

Пак му одреков воздржано и смирено:

-Не, не, не се сретнавме затоа. Ти ме сретна, се препозна, јас не сум Јанко од Страте, туку Ристо од Петар, ама ти прифатив дека сум. Но добро, се случи тоа и сега морам да ја одложам за другпат мојата намера поради која се замешав меѓу жививе луѓе. Не би било в ред и фер од мене да те оставам во дилема или сомнение во врска со живите и мртвите, животот и смртта. Особено зашто веќе ти кажав дека по средбава ќе умреш. Да доречам: ќе се преселиш меѓу мртвите, значи во мојот мртов свет, а ќе останеш мртов како жив и, се надевам дека не грешам, ќе бидеш како мене-жив како мртов и мртов како жив секогаш кога ќе посакаш. Како помеѓу молк и тишина.

Тој:

-Ништо не разбрав. Само ми изгледа утешително. Ако умрам сега, како што тврдиш, јас ќе бидам првиот во гробот на Новите гробишта, што си го купив неодамна, а по мене ќе нема никој друг. Затоа што немам ни предци ни потомци.

Му потврдив:

-Знам. И тоа е мошне жалосно. Сепак, можеби ќе се среќаваме како мртви, може и како живи. Мојот гроб е меѓу старите, од најстарите, а на мртвите далечините не им значат ништо. Туку, ај да седнеме во блисконо кафуле. Не се води разговор на ваква сериозна тема на крстосница.

Теофил од Андреј се согласи:

-Да седнеме. Ова што ми го изнакажа досега ми е забавно и баш ме заинтригира. Којзнае, може и да бидам мртов кој, како што велиш, ќе биде како тебе-и жив мртов и мртов жив секогаш кога ќе посакам.

Се изнасмеа прилично неконтролирано. Седнавме во кафулето на неколку чекори од крстосницата, чудно наречено: „За живи и мртви живи“!

Додека пристигна кафето што го нарачавме, јас успеав да му го претставам мојот ближен свет, во мојот гроб, како и дека неговиот случај веќе не е редок во светот на мртвите како порано и не е само мошне жалосен, туку и многу трагичен:

– Јас сум Ристо од Петар, а не Јанко од Страте. Тој е друг, го познавам и него како тебе. Но прифатив за тебе да бидам тој…Како што реков, мојот гроб е меѓу старите, еден од најстарите. Пред мене во него се погребани прв дедо ми Јоаким од Атанас, а по него баба ми Раска од Гордан. По нив ненадејно, преку ред што се вели во него се всели сестра ми Роза. Потоа пак умирањата тргнаа како што е ред, според староста: татко ми Петар од Славе, па јас, за тебе Јанко од Страте, а по мене мајка ми Славјанка од Владимир. Последен, пак преку ред што се вели, е погребан брат ми Коста како војник убиен од непријателски куршум в чело. Следен нема. Mожеби син ми Јане, снаата Борјана или барем нивна идна рожба, ако се вратат од една туѓина кон која се подготвуваат да тргнат скоро.

Твојот случај е не само мошне жалосен, туку и многу трагичен зашто за кусо време по смртта ќе ти се избрише секаква трага, а твојот гроб со време ќе стане безимен.

Теофил од Андреј:

-Мислам дека разбирам што сакаш да ми кажеш. Туку…

Не му дадов да продолжи:

-Нема што да разбираш. Што сакам, ти кажувам. И во буквална и во преносна смисла. Тоа што ти го кажав поврзи го со крвта, па таа со срцето и коските.

Очигледно го збунив:

-Како да ги поврзам?!

-Просто е. Поврзи ги меѓусебно и со животот и смртта…Не можеш? Ај јас.

И му објаснив:

-Додека е жив, крвта во човекот се движи низ целото негово тело, од глава до петици што се вели, па влегува во срцето и излегува од него. Кога ќе умре, тој продолжува да живее благодарение на тоа што таа се раѓа во неговите коски и излегува од нив. Стручно е вака: човечките коски се бели, а срцевината или сржта во нивните шуплини е сунѓерасто ткиво кое испушта крвни зрнца во крвотокот откако ќе се развијат во нив, и тоа кога телото има потреба од нив. Верувам дека знаеш за трите вида-црвените или еритроцитите, белите или леукоцитите и крвните плочки односно тромбоцитите.

Тој.

-Де бре, Јанко од Страте, до толку ли ме сметаш незналец?!

Јас.

-Не те сметам, туку само те потсетувам. И дека од тоа зависи човековото здравје. Ти реков веќе, по нашава средба ќе умреш од подмолна болест за која не си свесен дека е одамна во тебе.

Теофил од Андреј:

-Остави го тоа сега. Кажи ми…Значи, крвта во срцето и од него. Која, пак, се создава во коските додека човекот е жив, а кога ќе умре…Што кога човекот ќе умре?

Јас:

-Ти реков дека продолжува да живее. А способноста да биде со живите кога ќе посака, како мојата, ми изгледа и твојата, иде од коските, поточно од нивната срцевина. Која продолжува да создава крвни зрнца…

Тој прилично нервозно:

-Не треба да ми повторуваш. Ми кажа за нив.

Јас:

-Не ти докажав. Дослушај!…Кога коските во мртвиот човек се исто распоредени како додека бил жив, што би рекол скелетски, тие се послаби делови на таа „фабрика“ сè додека гробот не се отвори за да прими нов мртовец. Не е исто дали род, потомок, близок или незнаен, современик…Јас денеска со друга намера се замешав меѓу жививе и те сретнав тебе. Имено, сакав да ги видам, слушнам, разберам, па и да ги почувствувам промените во нив и меѓу нив кои секако се случуваат катаден. Очигледно е дека те сретнав токму тебе на крстосницана за да ми се потврди стравувањето: од една страна катаден се отвораат нови гробови, а од друга речиси катаден сè се повеќе со само еден мртовец, што значи порано или подоцна ќе бидат празни. Признавам, ме загрижува тоа умирање и на мртвиот свет како жив. Тоа нема апсолутно никаква врска со Бога…

Теофил од Андреј:

-Нешто како да прескокна. Што кога ќе се отвори некој гроб?

Јас:

-Како што? Коските на мртовецот пред него се собираат во вреќа и се оставаат во некој агол на гробот. Тие дотогаш се мртви како живи, а тогаш оживуваат како мртви. Како да добиваат нова енергија. Колку повеќе мртви во гробот, независно од времињата на умирањата, толку повеќе енергија за коските…Сега ти е јасно?

Не ми изгледаше збунет. Се поднасмеа и како мигум да се сети:

-Има еден проблем во твојава приказна, другар мој Јанко од Страте! Знаеш за кремирањето? Не си чул?

Јас:

-Ти се чудам на умот, Теофиле од Андреј! Јас да не знам?! Јас да не сум чул?!…Што со тоа?

Тој:

-Па, по смртта и горењето на мртовецот останува само пепел. Ретко да остане некое неизгорено ковче. А тоа, кремирањето најнапред е измислено зашто има сè помалку места за нови гробови. Особено кај народите кај кои умирањата се повеќе од раѓањата, што значи дека тие еден ден ќе изумрат. Дури и од религиозни причини, како на пример кај некои индијански племиња, горењето на телото има слична смисла и цел: дефинитивно и целосно гаснење на животот по смртта.

Ми се виде како да ликува. Мислам дека прилично го разочарав со мојот одговор:

-Ете, самиот го потврди моето. Не ми е многу позната митологијата на Индијанците кои ги горат своите мртовци или ги оставаат мртвите тела во легла издигнати над земја за да „одлетаат“ во светот на мртвите. На пример, знам за Чеените и нивниот Голем Дух или Маниту…Јас нагласувам дека оние мртви што продолжуваат да живеат како мртви и мртви како живи секогаш кога ќе посакаат, како на пример јас, се исто како помеѓу молк и тишина. Може да се рече и помеѓу паметење и заборав, но јас како творец, како сликар знам за паметење во заборав токму со творештвото, со делото.

Како да се изненади:

-Ти си бил сликар?!

Јас:

-Да, како Ристо од Петар, не како твојот Јанко од Страте. Туку…

Замолчев и минута-две го гледав продорно пред да го завршам разговорот и да се вратам во мојот, семејниот гроб.

-Знаеш што, Теофиле од Андреј? Ова е наша прва и последна средба. Не ги сакам таквите како тебе. Кои мислат само на себе, на личниот живот, кои многу кусо по смртта во гробот живеат како осаменици и од кои по време не останува никаква трага, никаков знак. Кои никогаш не помислуваат на потомци, на рожба. Саможивници, себичници.

Ја постигнав целта. Се налути, речиси се разгневи. Пред да се разделиме, тој да стане и да отиде што подалеку од мене, успеав во една реченица да му кажам, поточно да го предупредам дека како мртов ќе треба многу да внимава на промените на годишните доба:

-Запомни дека како мртов жив, сè до твоето конечно исчезнување најтешко ќе ти биде прилагодувањето на промените на годишните доба. Бидејќи несетно, но неретко и болно влегуваат во коските, во нивната срцевина. Како сè во природата, во нејзината живеачка и нејзиното умирање.

Решив подолго време да не се замешувам меѓу живите, меѓу жителите на Страдец. Не толку поради Теофил од Андреј и сличните на него, колку за да не се поттикнам себеси на залудна борба за одбрана на нивното исконско постоење на земја и во неа. Во исто време.

Leave the first comment