1.
Јас, Ристо од Петар, сум дамна мртов. Со мои современици мртви пред мене и по мене скоро ќе одбележам четириесет и шест години. Нема никако да ги одбележам зашто додека бев жив не бев некоја видна личност или творец, а не сум ни во светов на мртвите.
Наполно сум свесен дека ова можеби животворно дело не може да биде неизбришлива трага на мое постоење. Всушност, воопшто не станува збор за трага. Решив да го создадам само затоа што како мртов потонав во заборав на моите сè уште живи блиски и далечни. Можеби животворно? Па, сакам да биде, но не сум сигурен дека ќе биде.
Морам да признам дека моите мртви современици многу се израдуваа, се развеселија, дури заиграа свои игри кога разбраа за мојот наум. Со нетрпение очекуваа да почнам. Малку ги растажив со потсетувањето дека ништо од мртов не може ни да почне ни да заврши, дека мртвите се безвремени, освен ако настанатото излезе на виделина. Се согласивме дека почетокот и крајот на што било од нас не значи баш ништо.
Радувајќи се, веселејќи се и играјќи моја игра покрај нивните, ги предупредив дека поради природата на нештата во ова мое дело повремено ќе го напуштам нашиов свет, а тие не треба ни да помислат дека притоа може да се случи да оживеам. Тоа засега е не само просто невозможно, туку и бесцелно.
Јас сум Ристо од Петар, дамна мртов.