МАРИЈА И ЈАСЕН, роман

Потребно време за читање: 2 минути

ДЕТАЉ V

Едно одминато и подзаборавено искуство.
Болно навраќање.

Имаа развлечени усти и ретки заби. Случајно бев со нив. Ги познавав како некои пријатели. Заедно бевме макар ден во неделата.

Уште беше со него?

Уште бев со него, Јасене Виорски. Тогаш почнавме со разговорите дека не ќе можеме повеќе да бидеме заедно. Веќе не спиевме заедно. Тој во една, јас во друга соба. Постојано надаваше Спиро Јагленов дека кога ќе останам сама секој ќе може да ме земе, секој да ме има. Ќе паѓам длабоко. И каде ќе запрам?…Се случи да бидам сама со нив во соба полна со зраци што ги делат лицата и со звуци за да не мируваат телата.

Не мораш да кажуваш.

Морам да кажувам, Јасене Виорски. Сега веќе немам запир!

И одново како да е сè пред Марија Имотска. Како сè да се случува одново, сè да се повторува. Развлечени усти и ретки заби!

А ако знаел тој, Спиро Јагленов? Ако знаел?

Можеби, но не верувам. Верувам дека ќе откриев ако криеше од мене. Тоа се случи така…спонтано. Почнавме да разговараме. Не знам за што. Разговаравме долго. Кон полноќ тие почнаа да се однесуваат поинаку. Ми рекоа да бидам гола! Јас не сакав. Потоа ме легнаа двајца, ме држеа да не можам да се бранам. Немаш каде, мора, велеа. Што имаш да се плашиш? Да не ти е првпат? И се смееја цинично. Еден од нив цела вечер зборуваше дека јас сум му најдобриот пријател и сум многу убава. Не можев да сфатам зошто. Овде никој не ти мисли добро, внимавај, ми велеше.

Колкумина беа?, праша Јасен Виорски.

Четворица.

Не кажуваш сè. Избираш зборови, Марија Имотска.

Тешко ми е. Можеш да претпоставиш колку беше понижувачко тоа за мене? Можеш, нели? И болно, да! Тоа останува како отворена рана!…Потоа бев мртва. Секој дел од мене скршен, пресечен.

Случајно или намерно, Марија Имотска?

Како само можеш да помислиш, Јасене Виорски! Не ми паѓаше на ум дека тоа може да се случи.

Нешто си морала да насетиш пред тоа. Од нивното однесување. Ете тој, едниот од нив, те предупредил. Ти рекол.

Настан или сон?, се прашуваше Јасен Виорски. Како да се плашеше да ѝ го постави тоа прашање.

Не верував. Со мене беше Спиро Јагленов!

На пример, како те гледале?

Знаеш, прво тие беа негови пријатели. Моите пријатели се и твои, Марија Имотска, постојано ме потсетуваше. Можеби се случи тоа и затоа што се подготвуваше да замине…Не знам. Тој по природа не беше осветољубив човек. Имало многу ситуациии кога тоа го докажуваше. Колкупати само му заминував и му се враќав, а тој секогаш ме примаше со разбирање, секогаш како да му недостасувам. Можеби се случи затоа што се подготвуваше да замине конечно. Тој или јас, сеедно. Не знаев што се случува тие денови. Вистински кошмар!

Да одиме на Море. Таму се случи, нели? Да одиме на Море, Марија Имотска.

Да, таму…Би било убаво да одиме на Море јас и ти, Јасене Виорски.

Leave the first comment