Потребно време за читање: 2 минути

Марија Имотска и Јасен Виорски
одново во заеднички сон.

Се случуваат многу настани. Го следиме нивниот редослед, се обидуваме да не испуштиме ниту еден, да не прескокнеме некој. Особено од тебе. Навистина, Марија Имотска! Како дел од тебе, нешто од нас и она што сме посакувале да биде со нив. Дури немаме ни време да се погледнеме, камо ли да си ја докажуваме љубовта. Или да прилегнеме и да размислуваме за луѓето. Зошто не и за оние со развлечени усти и ретки заби? Дека молчат!

Децата научиле да летаат додека ние ги следевме рацете на ѕидовите во собата. Штом ќе се фатевме за раце, нашите сенки на ѕидовите во собата се прекршуваа. Како да не бевме цели! Некаква аморфна маса од наши тела.

Децата ни научиле да летаат, Марија Имотска! Се качуваат на највисоката карпа и чекаат да се смири Морето. Потоа ги креваат очите кон сонцето и скокаат како по него. Уште малку, па ќе им успее да го фатат другиот брег!

Прочитај и за ... >>  Споредбите се некогаш и добредојдени. Може да го забрзаат мисловниот процес.

Птицата, што ни ја продаде старата жена убедувајќи нè дека знае да зборува, лета кон лустерот и веројатно заедно со него ќе падне врз нас, Јасене Виорски. Животнтие во кафезот се опасни, а човекот заработува покажувајќи им ги на луѓето! Се плашиме од нив кога ги гледаме заедно со другите. Гладни се. Тоа е очигледно! Но никој нам не ни е виновен што ги гледаме…А птицата ја купивме за да ни биде полесно додека измислуваме нови дијалози. Воопшто, се случуваат многу настани, а ние залудно се обидуваме да прилегнеме, да одмориме и да размислуваме за луѓето со развлечени усти и ретки заби.

Опасни игри научија нашите деца, Јасене Виорски. Ќе се случи брзо да нè заборават, па да мораме предвреме да ги вратиме во Големиот град.

Нема да нè заборават. Нема зошто да се тревожиш, Марија Имотска.

Ти ќе си виновен ако бидеме заборавени. Ќе останеш сам со твојот оган и железото кога тече…Да не заборавам да те прашам: зошто слегуваше во визбата? Куќата на старата Госпоѓа беше многу таинствена, та и без неа и во неа собравме доволно изненадувања. Беше излишно да слегуваш во нејзината визба.

Прочитај и за ... >>  Се забележува дека луѓето сонуваат сè помалку. Веројатно од умора.

Ме плашеше крцкањето на подот, Марија. Сакав да се уверам дека нема да пропадне барем дури не си заминеме дома. Слегов за нас. И да ни биде поинтересно, особено за нашите деца.

А што најде таму? Што донесе? Ја донесе куклата од восок за да ни кажеш дека има и други. Забораваш, Јасене Виорски, дека летото има високи температури, па може да ѝ се стопат носот и устата. И напротив, да ни ги плаши децата.

В ред, ќе ја вратам ако настојуваш. Само, добро размисли дали не правиш грешка. Ако дозволиш да ја видат, можеби ќе престанат да летаат!

Ме погледнуваш строго, а јас се потсетувам дека во борбата против сопствените слабости постои многу ефикасно средство: да се живее во овој миг.

Ќе биде подобро и ние да летаме со нив, Марија Имотска!

Птицата сосе лустерот паѓа врз нив. Тие се смеат весело.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here